четврток, 19 април 2018 | Вести денес: 75 ново

Со своите постапки, СЈО само покажува дека е продолжена партиска рака на СДСМ

Вчерашното интервју за емисијата “Анализа“ на специјалната обвинителка Катица Јанева и разјасни многу работи на македонската јавност. Вчера бевме сведоци на брутално покажување моќ од страна на Јанева и нејзиното Специјално Јавно Обвинителство.

Ваквото однесување на Јанева до сега не е забележана во историјата на македонското јавно обвнителство. Таа покажа дека почитувањето на законите и пресумпцијата на невиност се измислена категорија за неа. Јанева вчера не се однесуваше како обвинител туку како да е на некаква лицитација. Се однесуваше како да не се работи за човечки судбини, за лични трагедии за последиците од нејзиното работење. Вчера Јанева излезе и си кажа она што си имаше. Дека без разлика на мандатот што и е истечен да поднесува обвиненија таа и во иднина ќе го прави тоа. Јанева изгледа вчера не беше свесна дека во Македонија постојат институции, дека постојат судии. Изгледа дека Јанева заборава дека судот е тој што одредува било каква казна. Дека судот е тој што во редовна фер постапка треба да каже дали одредена личност е виновна или не. Тоа вчера кај Јанева не постоеше.

Како за споредба редовното обвинителство во ниту еден момент до сега не лицитирало со висина на казните. Целокупната постапка се одвивала под превезот на анонимноста се со цел странките во процесот да бидат максимално заштитени. Јанева вчера освен медиумски циркус не покажа апсолутно ништо. Иако цело време се повикуваше на законите и на правото во Република Македонија, таа во ниту еден момент не покажа дека токму овие работи на кои таа се повикува, ги прекршува.

До сега јавноста не памти некој јавен обвнител да излезе вака јавно и да зборува за своите случаи. Јанева вчера си кажа дека желба и е да ги види зад решетки Никола Груевски и Сашо Мијалков. Таа зборуваше дека е сигурна во нејзините предмети и дека обвинетите се практично осудени, дека треба во секој момент да признаат вина и дека тоа е за нивно добро. Според Јанева колку побрзо го направат тоа, толку подобро ќе биде за нив и како пример ја спомна поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска.

Се поставува прашањето од каде Јанева е толку убедена дека некој ќе биде осуден и зошто на ваков начин им го уништува достоинството и интегритетот на обвинетите. Понижувањата на Јанева спрема обвинетите не е непозната категорија за неа. Таа закажува рочишта секој ден, што во праксата досега не е забележно.

Како за споредба на Зоран Заев му се закажуваат рочишта на неколку месеци. На пример рочиштето за поткуп на обвинетиот Заев конечно почна дури после 2 години со преку 20 одложувања. Како за потсетување предметот Тенк е закажан дури 6 пати во месец април што досега не се случило на било кое судење, а дополнително предметите Шамари, Траекторија исто така се закажани во месец Април. На ова не им се остава можност на адвокатите правилно да ја подготват одбрана и да ги спремат доказите. Дрскоста на Јанева нема граници. Рочиштата се закажуваат па и по цена на тоа да обвинетите останат и без бранител. Адвокатот на ексминистерката Јанкуловска поради лични причини не беше во состојба да ја брани, па Јанкуловска остана без бранител.

Целта на Јанева и на СЈО оддамна е јасна а тоа е обид да се уништи ВМРО-ДПМНЕ на секој можен начин. Постапките што ги покренуваат и процесите кои ги водат во судовите се ништо освен покажување на сила и уништување на правната држава. Со секоја одржана прес конференција и со секоја покрената постапка СЈО покажува ништо друго освен дека е само продолжена партиска рака на СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top