петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 77 ново

Гинеколозите ќе издаваат само упати, а ФЗОМ нека лекува пациентки

Матичните гинеколози најавија дека ќе издаваат само упати на пациентките до клиниките и болниците бидејќи Фондот за здравствено осигурување не сака да ги слушне нивните барања и проблеми.

Од Здружението на матични гинеколози велат дека два месеца во ФЗОМ стојат на разгледување нивните барања кои се однесуваат на пакетот за здравствени услуги, зголемување на капитацијата, поделба на пациентките по возрасни групи и воведување на коефициенти за нив исто како и кај другите матични лекари, како и пакет на услуги(да се знае кои услуги ги бара ФЗОМ за таа капитација, во и вон бременост.

Ваквата одлука Упарвниот одбор на здружението ја донел поради притисокот од пациентките кои не сакаат да им се наплаќа за услуги кои се бесплатни, како и притисокот медиумите и целокупната јавност.

Матичните гинеколози сметаат дека ФЗОМ својот игнорантски, деградирачки, арогантен, популистички и банкарско-лихварски однос постојано и систематски се обидува да го стивне гласот на добриот доктор, делувајќи како еден од позначајните фактори на страдање на докторската заедница.

ПОЧИТУВАНА ПАЦИЕНТКЕ, МАТИЧНИОТ ГИНЕКОЛОГ Е ВАШИОТ ДОБАР ДОКТОР

“Прилично е лесно да се дефинира во неколку збора она што го прави добар адвокат, добар архитект или добар писател, велејќи дека тоа е оној кој ги добива тешките судски спорови, кој ги гради најдобрите конструкции или кој пишува многу читани романи – не се неопходни додатни описи. Спротивно на тоа, да се дефинира што прави добар доктор е прилично тешка задача.

Добриот лекар не е оној кој лекува најмногу затоа што во многу специјалности целосното излекување не е чест исход. Не е оној кој ја поставува најдобрата дијагноза, бидејќи во многу случаи на самолимитирачките или неизлечливи болести, прецизната и навремена дијагноза не прави голема разлика за пациентот. Тоа не е оној кој знае повеќе научни факти, бидејќи во медицинската наука научните детали сеуште немаат пресудно значење кај некои болести. Не е оној кој е нежен, сочувствителен и искрен со пациентот, бидејќи овие квалитети честопати се недоволни за ефективен медицински тек на дејствување. Тоа не е оној кој открива нов факт или третман, бидејќи во денешно време нови информации се само мал дел од знаењето што треба да се вметне во огромната загатка на биомедицинските истражувања.

Другите професионалци може да се проценат според нивните крајни резултати, но лекар може да се дефинира како добар само кога тој или таа има колку што е можно повеќе од горенаведените атрибути. Еден добар лекар е истовремено научен, искрен, љубезен, смирен, ентузијастички, оптимист и ефикасен. Тој или таа инспирира целосна доверба кај пациентите и секојдневно ја обновува магичната врска која сама по себе претставува добар третман за секаков вид на болест и најдобра почетна точка за соочување со сите причини за болка и страдање.  (BMJ. 2002 Sep 28; 325(7366): 711. )

ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА секако не лечи и не е добриот доктор. ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА не се грижи за добриот доктор. Дури, со својот игнорантски, деградирачки, арогантен, популистички и банкарско-лихварски однос постојано и систематски се обидува да го стивне гласот на добриот доктор, делувајќи како еден од позначајните фактори на страдање на докторската заедница.

МАТИЧНИТЕ ГИНЕКОЛОЗИ се специјалисти, мајстори на занаетот, а се принудени да го чувствуваат тоа страдање со години и сега го дигаат својот глас. Матичните гинеколози веќе нема да дозволат ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА да биде пречката во реформирањето на здравството во нашата земја и подобрувањето на стандардите за лекување со препознавање на квалитет.

ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА мора да го чуе гласот на матичните гинеколози. Меѓу нас има многу добри доктори иако не сме сите исти. Но, правиме напор да го зголемиме квалитетот, да ги воспоставиме европските стандарди на гинеколошко-акушерски преглед, кој има свое траење, своја тежина, не е секогаш ист и има своја цена. ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА со години ги залажува пациентите дека се е бесплатно, без да го дефинира пакетот на бесплатните услуги во примарното здравство.

А да го оставиме ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА да ги лечи пациентките и да ја намали перинаталната смртност со своите популистички политики кои немаат никаква врска со унапредување на квалитетот на здравствените услуги ? Ние, МАТИЧНИТЕ ГИНЕКОЛОЗИ ќе пишуваме упати за во болница.

Управен одбор на Здружението на Приватни Гинеколози на Република Македонија

 
Извор:
новатв.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top