недела, 22 април 2018 | Вести денес: 30 ново

Зошто медијаторот Метју Нимиц е исфрлен во аут?

Михајло Маневски

Палката веќе не е во рацете на медијаторот Метју Нимиц и ООН, туку во рацете на Алексис Ципрас и Никос Коsијас

Грчката Влада на премиерот Алексис Ципрас и министерот за надворешни работи Никос Коsијас, го исфрлија медијаторот на ООН г-дин Метју Нимиц од процесот на разговорите за разликата окулу името што го има Република Грција со името на Република Македонија. Сега палката веќе не е во рацете на ООН и Метју Нимиц, туку во рацете на премиерот Алексис Ципрас и министерот за надворешни работи Никос Коsијас. Зошто целосно се изместија позициите на разговорите? Кој има корист од тоа? Зошто Владата на Зоран Заев и формалниот министер за надворешни работи Никола Димитров сето ова го толерираат, воопште не реагираат и ништо не преземаат?

Каква е целта на грчката Влада?

Не е тешко да се предпостави каква е целта грчката Влада. Со елиминирањето на медијаторот Метју Нимиц, Република Македонија е ставена во целосто подредена положба. Со ова Ципрас и Коsијас ја постигнаа целта за нивни комплетен диктат и целосно маргинализирање на Република Македонија. Владата на Зоран Заев нема никаква активна позиција и се претвори во пасивен нем наблудувач, кој само чека друг да му ја скрои судбината на државата и народот. За да ја задржи власта по сеоја цена Зоран Заев ги предава највиталните интереси на македонскиот народ.

За него ништо не е свето, ниту името на државата Република Македонија која го носи 74 години, ниту идентитетот на македонскиот народ и неговата историја и култура. Според член 1 од Уставот на Народна Република Македонија од 1946 година, “Народна Република Македонија е народна држава со републикански облик”. Според член 2, “Остваруејки ја својата ослободителна борба, и во заедничката борба со сите народи на Југославија, својата народна држава Народна Република Македонија, врз основа на правото на секој народ на самоопределување вклучително и правото на отцепуење и на соединуење.

Во изминатите години и особено во овие неколку месеци од највисоките преставници на власта на Република Грција и преставници од опозицијата, електронските и печатени медиуми секојдневно беа изнесувани канонада на закани, почнувајки од Претседателот на Република Грција Прокопис Павлопулос, кој во секоја прилика во Македонија гледа иредентизам, Алексис Ципрас, кој бара промена на Уставот на Република Македонија и име за севкупна употреба, на министерот Никос Козијас, кој јавно изјавува дека сè е предмет на разговори и името и идентитетот, па дури и химната која содржела иредентистички наводи, на преставниците на Златна Зора, на министерот Павлос Каменос, на шефот на опозиционата на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис и многу други, кои го негираат постоењето на Македонија и на Македонскиот народ. И денес, пратеникот на Сириза – Димитрис Мардас изјавува за Радио Слободна Европа дека наводно историски било докажано дека не постои македонска нација!!?.

После сите овие секојдневни антимакедонски националистички и шовинистички изјави и одржаните митинзи во Солун и Атина, со учество и на високи црквени великодостојници, министерот Никос Коsијас најавува Нацрт – Спогодба од 20 страници, која грчката Влада ќе ја доставела до Македонската влада.

Што ќе содржи Нацрт – Спогодбата на Грчката Влада?

Што може да се очекува од ова грчка Нацрт-Спогодба? Судејки според досегашните изјави од грчката страна, многу е тешко да се очекува промена на цврстите грчки црвени линии кои постојано се зголемуваат. Стратегијата за разговорите во врска со разликата окулу името под покривителство на ООН и медијаторот Метју Нимиц целосно е променета со нудење на ваква Нацрт – Спогодба. Од каде сега медијаторството на ООН се спушти на еднострано грчко ниво. Тоа е спротивно на Резолуцијата на Обединетите Нации.

Целта е сосема јасна, да се обезбеди целосна доминацја на грчката Влада. Премиерот Алексис Ципрас го искажа ставот на Грчката Влада, дека на Грција не и се брза, но дека и се брза на другата страна, која се бори со егзистенционални прашања за влез во ЕУ и НАТО. Еве ја целта на грчката Влада, уцена, надменост и ароганција на Алексис Ципрас. Еве ви Нацрт-Спогодба, како диктат, па вие одлучите, нас не ни се брза, вас ви се брза. А каде се тука ООН и Метју Нимиц? Нив ги нема никаде. Прашањето од меѓународно ниво го сведоа на еднострано билатерално ниво, што не е во согласност со Резолуцијата на ООН.

Зоран Заев е тотално слеп и глув и подклекнува и ги исполнува сите барања на грчката страна какви и да се. Нивните барања ги извршува безрезервно и веднаш. За него нема ништо македонско вредно и за почит. Тој нема црвени линии, ниту му заигрува срцето за Македонија. Не му доликува патриотизам, а ниту СДСМ е патриотска партија. Тој е без компас, без стратегија, без разум за држава и државност. Ги симна таблите од автопатот и го преименува во “пријателство”, a ги симна и буквите на Аеродромот Александар Велики, да го пречека Никос Козијас на променетото име на аеродромот и да го повози по новоименуваниот автопат. Пограничниот премин Маркова нога ќе биде отворен тогаш кога со потерница ќе се пронајде Крали Марко за да се изврши експертиза и да се утврди дали одпечатокот на каменот е навистина од неговата нога.

Толку глупава политика водат само незрели и плиткоумни луѓе. И додека грците и нивните медиуми секојдневно бомбардираат со сè посилни националистички изјави на разни политичари или наводни експерти и се натпреваруваат кој ќе каже поголема глупост за да не понижи, нашиот министер за надворешни работи Никола Димитров хиберниран во длабок сон се освестува само кога со остен ќе го боднат по задникот, а потоа пак заспива. Ќе напише ли барем 2 страници текст, колку да се види дека размислувал за нешто или за него ќе пишува диктати Никос Козијас, а тој само ќе клима со главата и ќе ги исполнува неговите директиви.

Стартешка цел на грчката Влада е да се ослободи од Привремената Спогодба од 1995 година. Ова Спогодба не ја спречува Република Македонија да стане членка на Меѓународни организации под привремената референца. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата на ООН од Хаг, основан со Повелбата на ООН, е сосема јасна дека Република Грција ја прекршила Привремената спогодба со тоа што го спречува членството на Република Македонија во меѓународни организации под привремената референца.

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг виси како дамоклов меч и над Грција и над ЕК и НАТО. Тоа што не се извршува пресудата на краток рок можеби можеше да се толерира и да се манипулира, но тоа време помина и таа пресуда веќе предизвикува меѓународни штетни последици. Со тоа што не се спроведува пресуда на највидсокиот суд на правдата во светот, се создава невиден преседан во меѓународните односи и непочитување меѓународното право. Правилата на меѓународните организации неможат да бидат посилни од меѓународното право и од пресудата на судот на правдата.

Доколку Владата на Република Македонија Привремената Спогодба од 1995 година ја замени со некој друг акт, пред да се прифати нашето Уставно име признаено од 138 држави и доколку таа Спогодба се анулира на било каков начин, тогаш нема правна основа ниту пресудата на Меѓународниот суд на правдата. На тој начин и Грција и ЕУ и Нато ќе се ослободат од таа пресуда, која многу им смета и затоа се вршат толку големи притисоци на Македонија. Македонија ќе направи катастрофална грешка ако се согласи со такво нешто. Привремената Спогодна неможе да се поништи со било каков друг правен акт, со ниту било каква друга одлука, поради тоа што таа е фундамент на нашите цели за признавање на нашето Уставно име на државата Република Македонија. Таа Спогодба ни дава право на членство во меѓународните организации. Тоа е стекнато право и никој неможе да го оспорува.

Ќе се извини ли Грчката влада за злосторствата и етничкото чистење што се направени над македонците во северниот дел на Кралството Грција во Егејска Македонија

Дали толку обемната Нацрт – Спогодба на Грчката влада ќе содржи извинување за злосторствата што се направени над македонците во северниот дел на Кралството Грција во Егејска Македонија? После повеќе години повторно се појавија на сцена злогласните андарти кои вршеа терор врз македонското население, етничко чистење, ги палеа и уништуваа македонските села и градови во Егејска Македонија, ги мачеа и убиваа македонците, ги праќаа на долгогодишна робија на островите, силуваа жени и девојки, плачкаа и уништуваа сè што е македонско.

Ќе има ли барем доблест Грчката Влада да се извини за екзодусот на 25.000 илјади деца протерани од Егејска Македонија претежно на возраст од 1 до 8 години, раселени по целиот свет во европските и азиски земји, без своите родители. Тоа што се направи врз македонците од Егејска Македонија во северна Грција е своевиден геноцид. И денес, и покрај многуте Извештаи на Комисијата за човекови права на Советот на Европа и Европската комисија дека се кршат основните човекови права на мекедонците кои како национално малцинство живеат во Грција, како правото на образование на мајчин јазик, на изразување на својот идентитет и култура не се спроведуваат. До кога сето тоа ќе се толерира?

Ќе го поништи ли Грчката Влада дискриминаторскиот закон број 1540 и други закони и ќе ги врати ли имотите на македонците и нивните наследници

Дали Нацрт-Спогодбата на грчката Влада ќе содржи одредби за поништување на дискримннаторскиот закон број 1540 од 10.04.1985 година, со кој се забрани враќање на имотите на протераните македонци од северниот дел на Грција од Егејска Македонија? Според членот 1 од Законот, како политички емигранти за кои се применува тој закон се сметаат “грците по род” побегнати затварани или интернирани по 1-ви јануари 1945 година. Овој дискриминатрски закон уште во првиот член ги елиминира македонците, затоа што тие не се грци по род, туку македонци.

Имотите на македонците од северниот дел на Грција од Егејска Македонија биле предмет на повеќе рестриктивни мерки, како што се Декретот од 1947 година за конфискација на целиот имот или дел од подвижниот или недвижниот имот на лица активни учесници во “бандитската војна и нивните помагачи”, Законот бр.2536 од 1953 година за колонизацја на пограничните области, декретите број 1636 од 1956 и број 3958 од 1959 година и други рестриктивни прописи.

И покрај постоењето на Конвенција помеѓу ФНРЈ и Кралството Грција за взаемните правни односи од 18 јуни 1959 година, спротивно на членот 1 од Конвенцијата, на граѓаните на Република Македонија по потеклио од Егејска Македонија, не и им се дозволува пристап до судовите и другите органи за остварување на нивните права. Соочени со една таква сосотојба, биле преземени конкретни мерки од тогашната Сојузната Влада и Сојузниот секретаријат за надворешни работи врз основа на утврдената платформа, од Извршниот совет на Собранието на Република Македонија и Министерствата за правда и Финансии (Републички секретаријати), Претседателството на Република Македонија и врз основа на сите тие мерки се преземени конкретни чекори за прибавување на документација и изјави од барателите на враќање на имотот.

Од спроведените активности на овој план во Република Македонија до декември 1988 година биле анкетирани 7.232 гараѓани, од кои 4.515 дале податоци за нивниот движен и недвижен имот, населено место, површината или вредност на имотот, по кој основ го изгубиле имотот и други податоци содржани во анкетниот лист. За имотот биле евидентирани барања за одземен недвижен имот и тоа 24.560 илјади хектари земјиште, 16.149 станбени и деловни простории со површина од 561.279 м2, крупен и ситен добиток од 197.793 грла, живина, пчелни семејства и друг движен и недвижен имот.

Прашањето за враќање на имотите на сопствениците или нивните наследници или давање на надоместок за имот што неможе да се врати, не може да биде табу тема. Во случајот, тоа подолго време е доста клучно прашање, поради тоа што правото на сопственост е свето право гарантирано и во Европската конвенција за човекови права и тоа право не застарува и неможе да се наруши со никакви дискриминатрски закони.

Довербата и искрекноста за надминување на напластените проблеми не може да биде неискрена и асиметрична, заснована само на побарување од едната страна кон другата, која на тој начин ја става во крајно подредена и понижувачка положба. Народот на Република Македонија со тоа нема никогаш да се согласи.

Македонскиот народ никогаш нема да се согласи да се промени Уставното име на Државата Република Македонија кое го носи цели 74 години како држава и исконски низ вековите. Народот нема да дозволи никому да му го негира идентитетот, историјата и културата, традицијата и сите белези на државноста.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top