среда, 26 септември 2018 | Вести денес: 1 ново

Протести, агенти и провокатори

Љупчо Златев, новинар

Попладнево, на годишнината од почетокот на протестите „За заедничка Македонија“, во Скопје се организира протест кој има цел зачувување на уставното име на Република Македонија и повторно истакнување на барањето за ослободување на затворените патриоти за настаните од Собранието кои се случија во април минатата година.

По подолго време чувствувам граѓанска должност како загрижен граѓанин, а не како професионален новинар да излезам на еден протест, но во исто време чувствувам и граѓанска должност да ја истакнам чувствителноста на целата ситуација и можните непосакувани ефекти.

Имено, дел од организаторите и најгласните подржувачи на овој протест, минатиот месец, кога во Скопје дојде генсекот на НАТО, Јанс Столтемберг, исто така организираа протест пред Собранието на Република Македонија. На тој протест, тие луѓе, запалија знаме на Европската унија и знаме на НАТО. Тоа очигледно беше операција смислена и реализирана од службите на хунтата која владее со Македонија, кои очигледно имаат длабоко инфилтрирано свои луѓе во патриотското ткиво во нашата земја.

Затоа, пак повторувам, граѓанска должност ми е да ви сугерирам попладнево да не потклекнуваме на ваква иконографија. Не смее да се дозволи ниту да се палат знамиња, ниту да се носат пароли со пречкртани симболи на ЕУ и НАТО, ниту ништо слично. На структурите кои не ѝ мислат добро на Македонија, веќе подолго време им е мисија да прикажат дека сите оние кои не прифаќаат промена на името се антиевропски и анти-НАТО ориентирани. Ако се појави таков наратив, тие ќе бидат најсреќни, а затоа што природно тој не би се појавил, овие структури одамна имаат подготвено агенти провокатори. Треба нив да ги спречиме, затоа што ако не ги спречиме – нашите протести повеќе ќе ѝ служат на целта промена на името на Република Македонија и двојазичност, отколку што ќе ѝ служат на целта поради која се оригинално иницирани.

Можно е некој да извади и руско знаме, па после по светските медиуми да нѐ прикажуваат како луѓе кои сакаат сојуз со Русија, а ние само си го браниме името. Иако и јас сум за тоа нашата земја да биде во добри културни, политички и економски односи со Руската Федерација, не смееме да си дозволиме комодитет да бидеме само уште еден спин во светските медиуми. Едно е да ја сакаш Русија, друго е да си против западот, но одете објаснете му го тоа на просечен западен либерал…

Поради слична местенка која лани на 27 април ја спроведоа луѓе со фантомки, денес имаме триесетина неправедно судени соборци, кои иако не беа насилни завршија во затвор. Сакате повторно да го имаме истото? Никој не ги најде оние со фантомки, оние кои навистина потикнаа насилство во Собранието, затоа што тие беа потикнати од истите служби кои сега уште полукаво сакаат да ги злоупотребат нашите протести. Некои од информациите велат дека хунтата повторно припремила армија која ќе прави насилство, за после да не прогласи за терористи.

Ако се сеќавате, при ланските протести имаше уште еден обид за провокација, која некои тотално непознати ликови извикуваа „чиста Македонија“, па на крај кротките патриоти во медиумите беа прикажувани како крвожедни фашисти кои сакаат да убијат се што не е македонско во Македонија. Треба да се внимава и на извиците. Не сме ние фашисти, Македонци сме, а Македонците секогаш се бореле против фашизмот и се единствен народ на овој дел од Европа кој немал квислинзи, фашистички соработници.

Она што дополнително го оптоварува дискурсот пред овие протести е тоа што од ВМРО-ДПМНЕ се оградиле и не пратиле повик за учество, па многумина сега ги направија еднакви „предавници“ со владејачката хунта.

Сосем спротивно, јас сметам дека оваа нивна одлука е паметна. Прво, оваа одлука е мудра затоа што не знаеме каков ќе биде ефектот и дали “провокаторите“ ќе преовладаат, па после цела фобија да биде налепена на ВМРО, што е примарната цел на службите. Второ, оваа одлука е паметна затоа што ние не протестираме во име на партија, оваа кауза е премногу голема за да и се даде партиски предзнак. До нас треба да чекорат и членови, симпатизери и подржувачи на СДСМ и на другите партии, тие би се одвратиле ако ВМРО-ДПМНЕ уште во прва фаза поддржи. Трето, природно би било да се создаде традиција на секојдневно протестирање, долга ќе биде оваа борба, па токму и затоа добро ќе биде најголемата македонска конзервативна партија да ја даде својата поддршка во некоја наредна фаза.

Сума сумарум, вечер сите во 18.00 часот пред Канцеларијата на Европската комисија, како Македонци и Европејци, достоинствено и со дигнитет да му покажеме на светот дека нема да дозволиме некој да ни ги крши основните национални права за кои многу генерации го дале животот. Да докажеме дека сме достоинствени граѓани, а не варвари како што не нарекуваат, да покажеме дека не мразиме никого, туку си го сакаме своето.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top