недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 53 ново

Македонија, среде никаде

Ламбе Арнаудов

Семејството, домот и татковината се светост на секој поединец и тој е должен подеднакво да ги брани и одбрани од кој и да е непријател.

Многу одамна некое си дете излегло да си игра со другарчињата, но набргу се вратило дома со плачење. Зошто плачеш? – го прашал дедо му. Си игравме криенка и јас пасев (мижев) и не видов никого затоа што никој не беше сокриен – одговорило детето. И Господ плаче затоа што е насекаде околу нас ама никој не го гледа – одговорил старецот.

Денес Господ плаче за Македонија и се прашува како јас единствениот непогрешлив да згрешам и клучевите од рајската порта на рајот на земјата што се вика Македонија да му го доверам на луѓе кој не знаат да ја сочуваат. Кој, оваа повеќе од петилјади години старозаветна библиска метафора нема да ја разбере, тој не разбрал ништо од животот.

За да се преиспитам самиот себе обичен смртник и да видам каде се прекинало нашето генетско наследство за почит, решив да ја посетам меморијалната соба Македонија и побарав помош од кого друг ако не од нашите стратешки пријатели кои се секогаш спремни да интервенираат. Го побарав Мајкл Јуниор Фокс да ми ја позајми накратко машината за патување низ времето. Да видам дали од нашите дедовци и татковци ништо не сме разбрале или ние нема што да им кажеме на нашите деца.

Откако ми беше услишена молбата на ограничен рок, се вратив 150 години назад. Прво што ми падна во очи беа преродбениците. Им се восхитував на нивната ученост, умешност и истрајност, распарченото стадо на четири страни како го собраа под ист кров. Потоа ги сретнав шестемина апостоли кои направија целосна реконструкција на народниот дух засекогаш и вечни векови ги венчаа нашите духовни родители, нашиот татко ВМРО и нашата мајка МАКЕДОНИЈА кои веќе ја прославија својата дијамантска свадба и непречено и на наша радост се движат кон уште многу такви јубилеи. Се уверив во вистинитоста на големата мисла на најголемиот македонски трибун Гоце Делчев кој рекол: ’’Јас светот го разбирам како поле за културен напревар меѓу народите’’. Имало и култура и народ. Видов многу гробови, неодбележани масовни гробници и спомен костурници и се прашував од каде толкав број на јунаци кој го положиле својот живот за татковината. Сме имале, гинеле.

Забележав огромен број саможртви, сме имале, се заможртвувале.

За жал имаше и многу меѓусебни убивања, сме имале, се самоубивале.

Заеднички именител на сите овие дека своите млади животи ги положувале на олтарот на слободата за својот народ и својата татковина.

Гинеле не за сопствена слава, туку за да го прослават својот народ.

Не гинеа за да бидат сакани, туку гинеа затоа што го сакале својот народ.

Не гинеа за да им градат бисти и споменици, туку за вечно да им се споменува народот.

За вистина на волјата сега што има работи тогаш ги немаше. На пример:

Немаше гејови, имаше гемиџии.

Немаше паради на гордоста, имаше отпор за гордост.

Немаше јунци, имаше јунаци.

Немаше меѓународни трабанти имаше народни трибуни.

Немаше водачи воајери, имаше вистински војводи.

Немаше кичми свиткани, туку имаше комити.

Немаше шарени револуции, против својот народ, имаше востанија и револиции за ослободување на народот.

Остана уште многу за разгледување и восхитување, но бидејќи времето ми измина морав да се вратам назад, во машината и како што ми беше речено и кажав, врати ме во денешна Македонија. Иако кажав гласно машината не реагираше. Смирено и кажав да ме однесе во Горна, Северна, Новамакедонија, Македонија Скопје, но повторно ништо. Се обидов да ја потсетам на некои значајни македонски знаменитости, спомнав Скопје,Вардар, Охрид, Плаошник, Св. Јован Бигорски, Трескавец, повторно ништо. Продолжив да набројувам Тешкото, Танец, Охридско лето, Јонче Христоски, Леб и сол, Љубојна и повторно само молк од машината. Ајде си реков да ги спомнам специјалитетите македонски, ајвар, тетовско гравче, кумановски мезалк, битолско шкембе, прилепски ширден, охриска пастрмка и струмичка мастика, повторно залудно. На крајот се сетив на последната можност во која сигурно верував, Република Вевчани, но повторно гробна тишина. Очаен ја заронив главата меѓу своите раце и си реков во себе. Еее, и ти си готов за Бардовци. И гледај чудо. Машината не само што проработе, се развесели и го покажа својот највисок технолошки дострел и проговори: Па така кажи, веднаш ќе те однесам во твојата татковина Бардовци. Но пред да те симнам сакам да те охрабрам со неколку реченици, за да не бидеш несреќен и тажен. Прво, за утеха да ти кажам дека името на твојата татковина не е дадено по познатото скопко село Бардовци кое е најголем производител на зелки за расол. Не. Името ви е дадено според познатата и светски призната институција која се наоѓа во близина на селото и во која толку добро се живее што кој и да влезе ретко излегува. И второ, крштевањето на твојата татковина беше со сите православни, христијански обичаи. Кумот сами си го избравте. Машината го одржа зборот и навистина ме врати во мојата мила татковина која се наоѓа среде никаде. Само што се симнав се обѕрнав лево, десно, напред, назад и си реков: Бардовци, Бардовци само да е мирно и да нема војна. Што можам јас самиот да правам, кога сите македонски ГЛОБАРИ, пардон глобалисти така размислуваат. Продолжив низ пустелијата да се движам кон дома. Ретко негде годе, ќе сретнев некој минувач, елбете сакав да ги прашам, за жал никој не зборуваше македонски. Сакав да прашам дали најголемата мисла на иконата на СДСМ и првиот претседател на суверена, самостојна и независна Република Македонија господинот Киро Глигоров гласи: МАКЕДОНИЈА Е СЕ ШТО ИМАМЕ… или можеби, незнам, што знам.

Деновиве се потсетуваме на најмрачниот и најнечовечен документ донесен во историјата на човештвото наречен финално решение или финален документ, кој беше сработен во еден раскошен планински дворец во Германија за уништување на еден народ. На радост на целиот хуман свет иако тој народ претрпе невидени маки, страдања и истребувања и згора на тоа неколку илјади години без своја татковина издржа стоечки и сега има држава која е една од најсилните во светот. Ете што може да издржи и да направи народ.

Срам голем и резил на резилите ќе биде ако македонскиот народ кој има сопствена држава подлегне на притисоците и го прифати финалниот документ за самоуништување, поточно автогеноцид донесен во стакленото замоче на улица Бихачка б.б.

Еве народ, кој може се да изгуби.

Ако ова го направите цел живот ќе бидете газени од сенки на минатото и тоа не само неќе кога спиете, туку и дење за сите да ве гледаат како се мачите за она што му го приредивте на сопствениот народ.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top