петок, 16 ноември 2018 | Вести денес: 100 ново

Николоски: Само отворено ВМРО-ДПМНЕ е рецепт за успех

ВМРО-ДПМНЕ е историски а и секако во дејствувањето на политичката партија секогаш била прозападна ориентирана политичка партија и претходно организација, која што се стремела за независна македонска држава која што ќе е во сојуз со Западните сили. Тоа е основата на која што сакаме да ја градиме новата политика на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа значи силно сојузништво со земјите -членки на НАТО и ЕУ, партнерство со Соединетите Американски држави, со Велика Британија, со Германија, Франција, Италија и останатите големи сили. Ние секако имаме свои принципи и свои вредности зад кои стоиме и ќе се обидеме на нашите партнери од меѓународната заедница да ги претставиме истите, изјави Александар Николоски, Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во денешното интервју дадено за телевизија Сител.

Николски, рече дека приоритет е Македонија да стане што поскоро членка на НАТО алијансата и да започне преговори со Европската Унија и успешно да заврши целиот тој процес, се со цел да биде земја – членка на ЕУ.

Николоско одговараше и на новинарското прашање каков став има ВМРО-ДПМНЕ во однос на прашањето со името?

-Сметам дека е многу опасно за Република Македонија процесот да излезе надвор од рамките на Обединетите Нации, затоа што доколку излезе надвор од овие рамки Македонија ќе биде таа која што ќе изгуби. Ние како помала држава во овој спор секогаш мора да се држиме до правилата и принципите на меѓународното право. Рамката во Обединетите Нации е единствената која што и одговара на Република Македонија, изјави Николоски.

Според Николоски, Законот за јазици е наметнат закон и смета дека, не е потребно да се прави мајоризација на мнозинството над малцинството, а ниту пак треба да има мајоризација на малцинството врз мнозинството..

-Политики на исклученост или политики на наметнување како што е изгласувањето на Законот за јазици може само да не оддалечуваат. Силно партнерство е потребно и е потребно разбирање. Ниту е потребно да има мајоризација на мнозинството над малцинството, ниту обратно, не треба да има мајоризација на малцинството врз мнозинството. Ако успееме да изградиме едни принципи на партнерство, тогаш мислам дека Република Македонија има една стабилна иднина, секако ВМРО-ДПМНЕ ќе може да има едни стабилни партери во Албанскиот народ, потенцираше потпретседателот Николоски.

За изборот на новиот извршен комитет Николоски додаде тој избор е избор на Централниот Комитет на партијата и истакна дека има голема почит за луѓето кои во минатото придонеле за успех на партијата и за сите луѓе кои во иднина ќе придонесат за партијата.

-Со ова ново раководство, но и со политиките кои што ќе ги промовираме, ние ќе успееме да привлечеме далеку поширок круг на луѓе кои што ќе го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ од тоа што беше на последните локални избори. Само отворено ВМРО-ДПМНЕ е рецепт за успех. Сето различно од ова може да не води во непосакуван правец, рече Николовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top