петок, 17 август 2018 | Вести денес: 79 ново

Започна пријавувањето за Дедомразовската трка во Скопје

Во недела на 24 декември во Скопје ќе се одржи традиционалната Дедомразовска трка, во која повеќе стотици учесници во дедомразовски костуми ќе трчаат во центарот на главниот град.

Трката покрај натпреварувачки, има и забавен карактер, па во неа се добродојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е само 2 километри и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Пријавувањето се одвива преку веб страницата www.prvdovrv.mk.

Стартот и финишот на трката се во Паркот на Жената Борец, а ќе се трча кон мостот кај МНР, покрај Вардар до Камениот мост и преку Плоштадот Македонија до целта.

Учеството во трката чини 300 денари, а за првите 300 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада.

За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.

Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.

Трката ја организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв, со поддршка на Coca-Cola и градот Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top