вторник, 14 август 2018 | Вести денес: 58 ново

Земјоделците пред банкрот-тони пиперки скапуваат на нивите, иако им се ветуваше откуп!

Ветувањата на Владата за решавање на горливиот проблем поврзан со откупот на пиперките во пелагониско, се испоставија само како популистички мерки и празни изјави во предизборието за замајување на јавноста и добивање политички поени, пишува Економски.мк.

И покрај предизборната кампања, во која советничката за земјоделство на Зоран Заев, Ленче Николовска, заедно со раководителот на земјоделие во Прилеп, Зоран Пачешкоски, ветуваа откуп на земјоделските производи, тони пиперки останаа да скапуваат по нивите, реагираат земјоделците од пелагониско.

Земјоделците прашуваат – „Каде е сега Ленче Николовска, која пред избори ги прошета сите села и ветуваше откуп на пиперките?! Ние не сакаме некој да дојде и да се слика со нас, со лажни ветувања, а потоа да не остави без денар в џеб“!

Тие додаваат и дека оваа година имало слаб род поради временските услови, а цената е ненормално ниска, 5 денари за килограм.

– Досега ова не се случило…Па ние живееме од ова. Нас земјоделието ни е основен приход. Дополнително, со поскапувањето на нафтата ни сами не знаеме како ќе излеземе на крај. Зошто ни ветуваа зелена нафта, кога веднаш по добивање на изборите, ја поскапеа за 3,5 денари, со што не доведуваат до работ на егзистенција, нас, а и нашите семејства- изреволтирани се земјоделците.

Покрај пиперките, земјоделците претходно се соочија и со проблемот при откупот на оризот, зелката, краставицата, бостанот, како и кај други земјоделски производи, поради што протестираа во Тетово, Кочани, но и на други места, а бостанџиите од струмичко пак, како знак на револт од игнорантскиот однос на Министерот за земјоделие, Љупчо Николовски, дојдоа во Скопје и му ги истурија лубениците пред министерството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top