понеделник, 16 јули 2018 | Вести денес: 0 ново

Спречен грабежот на векот: Пронајден тунел под една куќа кој води до 300 милиони долари (ВИДЕО)

За малку една од најголемите банки во бразилскиот град Сао Пауло ќе била ограбена како на филмовите.
До сефот од банката водел голем тунел кој што бил ископан од крадците. Бразилските медиуми тврдат дека доколку планот успеел, ова би било „грабеж на векот”, а потврдено е дека бразилските власти уапсиле 16 лица.
Криминалците на северот од земјата произвеле алат за копање на тунелот, а после двомесечната истрага, полицијата конечно и влегла во трага.
„Доколку успееле во својата намера, ќе украделе над 300 милиони долари. Бандата вложила големи средства за изработка на алатот и копањето на тунелот”, открил главниот инспектор кој што ја водел истрагата, Фабио Пинеиро Лопез.
Тие започнале со копање на тунелот долг 500 метри пред четири месеци, а со копањето завршиле минатата среда. Како што пренесуваат бразилските медиуми, групата на крадци цело време била надгледувана од полицијата, а кога полицајците сфатиле дека копањето на тунелот е при крај, сфатиле дека мора да делуват. Подоцна било откриено дека крадците веќе стигнале до надворешниот дел од сефот.
„Поради тоа одлучивме да ја забрзаме операцијата и да ги уапсиме сите. Ги уапсивме и лидерите на групата”, изјави Лопез.
Тунелот бил зајакнат со дрвени и метални шипки, а се наоѓал под една локална изнајмена куќа во близина на банката. Куќата била пренатрупана со храна и алат. Бандата ѝ била позната на полицијата затоа што некои од членовите во два наврати, во 2005-та и 2011-та година веќе учествувале во операција за грабеж на банка.
„Тоа е многу добро организирана банда”, изјави Лопез за бразилските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top