вторник, 22 мај 2018 | Вести денес: 0 ново

Мареј го доби мега-дуелот со Дел Потро

Светскиот број 1, Енди Мареј е во осминафиналето на Ролан Гарос, откако по првите два тешки сета, со 7:6(8)/7:5/6:0 го победи поранешниот УС опен шампион, Хуан Мартин дел Потро.

Марин Чилиќ изненадувачки се постави во улога на конкурент за титулата на Францускиот опен, откако го „здроби“ Фелисијано Лопез со 6:1/6:3/6:3 за да влезе во четвртото коло без загубен сет. УС опен шампионот од 2014 ја освои првата титула на земја по пет години во Истанбул минатиот месец и имаше речиси совршен меч против 35-годишниот Лопез.

-Ретурнот ми работи посебно добро и навистина сум задоволен, изјави Чилиќ, кој сега има 100 победи на земјена подлога.

Фернандо Вердаско изненадувачки лесно ја доби битката на двајца тенисери над 30 години, откако со 6:2/6:1/6:3 го „уништи“ 22. носител, Пабло Куевас, носител на шест титули на земја. Вердаско, кој сега има шест пласмани во осминафиналето, освои 100% од поените на прв сервис во вториот сет.

Кај дамите пак, Французинката Ализе Корне го направи најголемото изненадување, победувајќи ја деветтата носителка, Агњешка Радвањска со 6:2/6:1. Француската светска тенисерка број 43, освои три последователни гема за да го добие првиот сет за само 38 минути, а во вториот беше уште поимпресивна завршувајќи со 15 директни победнички топки.

Ова е само вторпат во девет меѓусебни мечеви, Корне да ја победи финалистката од Вимблдон 2012 година.

Една од фаворитките за титулата, Симона Халеп имаше супер-тежок меч против младата Русинка, Дарја Касаткина, пред да стигне до 6:0/7:5 победа. Касаткина започна споро и нервите го направија своето, по што го загуби првиот сет за 30 минути и губеше со 3:1 во вториот.

Меѓутоа, тогаш 20-годишната Русинка се „разбуди“, ги освои следните четири гема и имаше три сет-топки во 10. гем, пред Халеп да го затвори мечот. Халеп победи во Мадрид и играше во финалето во Рим пред Ролан Гарос.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top