вторник, 16 октомври 2018 | Вести денес: 0 ново

Кавги за Македонија во грчката политика

Пратеникот на Нова демократија Јоргос Кумуцакос, во име на 18 пратеници на партијата побара одговори од шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас за, како што ги нарекува во писмото, дубиозните ставови на министерот за одбрана Панос Каменос за Македонија и православниот свет.

Каменос во интервју за грчката телевизија Скај повторувајќи го ставот дека не прифаќа употреба на терминот Македонија во името на земјава, изјави дека мнозинството население во Македонија се Албанци, дека Грција е чувар на безбедноста на христијанското население во земјите од Западен Балкан и предложи создавање на тнр. „христијански лак“ на Балканот, кој би се простирал од Израел, и арапските земји на југ се до Бугарија, Романија и Србија на север. Тој изјави дека Грција не е за менување на границите, но и дека нема да го остави незаштитено христијанското население ниту пак кршење на нивните човекови права, при што грчките воени сили се подготвени да одговорат на секаков предизвик.

Кумуцакос од Коѕијас бара одговор дали е тоа став на официјалната грчка надворешна политика бидејќи министерот искажал голема површност кон многу сериозни прашања и создава забуна во врска со ставовите на грчките власти.

Во писмото се потсетува дека според официјалните податоци од последнот попис во Македонија од 2002 година, процентот на како што се наведува Славомакедонци е 64 проценти, а на Албанци 25,2. За името се потсетува дека и според интернет страницата на грчкото МНР, официјалниот став на Атина е сложено име со географска одредница пред зборот Македонија, за сите употреби.

Пратениците од Нова демократија истакнуваат дека во време кога ситуацијата на Балканот е критична, неопходно е надворешната политика на земјата да биде конзистентна и одговорна.

Оттаму, го прашуваат Коѕијас дали се согласува со изјавите на министерот за одбрана, дали идејата за создавање „православен лак“ е официјална позиција на министерството, која е конечната официјална позиција на земјата во однос на името на Македонија и дали позициите на министерот за одбрана се основа за на градење на грчката политика во однос на Балканот?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top