петок, 16 ноември 2018 | Вести денес: 107 ново

Почнува ново издание на Скопје креатива: „Креирај, кокреирај!“ – Do Create! Co-create!

Директорката на ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“, Вера Бошковска, коишто се и организатори на фестивалот, Иван Мирковски, куратор на Скопје креатива 2017 и Иванка Апостолова, програмскиот организатор на овој настан, ги изнесоа деталите за отворањето и програмата на културните настани во рамките на овој фестивал, кој годинава од 4 до 6 мај ќе се одржува под мотото „Креирај, кокреирај!“ – Do Create! Co-create!

– На прагот сме на уште едно, на наше големо задоволство, шесто издание на фестивалот на креативни индустрии „Скопје креатива“, со надеж дека оваа година ќе им излеземе во пресрет на сите што имаат интерес за овој проект. Градот Скопје и годинава е покровител на овој фестивал, а ние сме организатори, а како што знаете Градот Скопје од пред неколку години е официјален член на мрежата на креативни градови „Les Rencontres“, кои работат на развивање на секторот на креативни индустрии. Она што не води напред, и што не донесе до годинешното, шесто издание, е се поголемиот интерес кај пријавените учесници и гости на фестивалот. Ни претставува големо задоволство што имаме се поголем број креативци, бидејќи целта на овој фестивал е спојување на креативците со бизнис секторот. Мотото на фестивалот годинава е Do Create! Co-create! Земјите во Европа веќе одамна го активираат креативниот сектор во креирање на политиките во развојот на креативните индустрии на национално и на локално ниво. Настанот има за цел да ги интегрира знаењето и креативноста како основен човечки ресурс и потенцијал, изјави денеска Вера Бошковска, директорот на ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“.

Иван Мирковски, куратор на Скопје креатива 2017 посочи дека тој годинава ќе биде врзно ткиво меѓу младите креативци и организаторите, и дека и годинава ќе им создадат простор на младите креативци на кој тие ќе можат да ги претстават своите креативни идеи.

Иванка Апостолова, програмскиот организатор на овој настан кажа дека годинава листата на учесници е навистина импресивна и ги најви: Изабела Новотни со Уметноста на кукленото мајсторство, Невена Тодоровска со Мулти-Фан-Акција, Драган Христов со Експериментална унисекс колекција, ХАЕМУС со Розалии – прослава за празникот на розите, Газменд Ајруловски со Виртоскоп, Вера Христовска со Разгледници од Македонија.., и потенцираше дека листата е навистина предолга за да може да ги спомене сите учесници коишто со импресивни проекти што ќе се претстават на неколку простори во Младинскиот културен центар.

„Скопје креатива“ е уникатен проект, кој успешно е прифатен од публиката во земјата и пошироко во регионот и Европа. Самиот проект содржи широк дијапазон на активности, работилници и предавања од повеќе области и длабоко придонесува во развивањето на културната сцена кај нас и пошироко. Целта на платформата за развој на креативните индустрии е популаризирање, анимирање и инволвирање на целиот креативен потенцијал на дизајнери, уметници, индивидуалци од една страна и компаниите, фирми и правни субјекти од друга страна, кои даваат особен придонес за развојот на креативните индустрии во нашата метропола. Преку веќе изготвена анализа и мапирање на алтернативни простори за работа на креативните индустрии, „Скопје креатива“ вложува во организација на едукативни, културни и соодветни бизнис активности. До денес активно партиципираме и во вмрежување и соработка со други фестивали и платформи на регионално и меѓународно ниво, што е од особено значење за промоција на младите дизајнери во Македонија, надвор од границите на својата земја.

Овој фестивал останува доследен на претходните изданија и ќе биде од отворен карактер и сите заинтересирани ќе можат да учествуваат во работиниците, а настаните се бесплатни.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top