понеделник, 18 јуни 2018 | Вести денес: 1 ново

Македонското културно наследство претставено на саем во Кина

Управата за заштита на културно наследство информираше дека деновиве македонското културно наследство се претставува во Кина каде постои огромна заинтересираност од страна на посетителите на саемот кои изразуваат голема желба да ја посетат Македонија и лично да се уверат во нејзините единствени културни вредности, кои беа претставени преку публикациите за најзначајните културни и природни вредности на Република Македонија.

Управата за заштита на културното наследство првпат ја претстави Македонија со сите нејзини културни и природни добра на Саемот за туризам кој се одржува во Пекинг, Кина.

– Особено ми е драго што имаме чест деновиве да го промовираме македонското културно наследство во Кина, една од најголемите светски нации, заинтересирана и максимално посветена на сопствениот развој, но и на запознавањето и поддршката на земјите во развој. Освен тоа, ценам дека е многу значајно за Р. Македонија тоа што НР Кина првпат ќе има можност да ја види студијата за врската со античкото кралство Македонија, како и повеќето студии за античките македонски градови – вели Виктор Лилчиќ-Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Во рамките на учеството на Саемот, во службена посета на штандот на Република Македонија беа и претставници на Амбасадата на Р. Македонија во НР Кина, кои изразија огромно задоволство за учеството на Р. Македонија на овој престижен саем со надеж дека тоа ќе ги зајакне односите меѓу Македонија и Кина и ќе го зголеми бројот на кинеските посетители од Македонија.
Со цел Македонија да се промовира како нова туристичка дестинација пред кинеските посетители, претставниците од Управата дадоа интервју за организаторот на настанот како дел од неговата веб-промоција, како и интервју за некои од локалните телевизиски програми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top