понеделник, 23 јули 2018 | Вести денес: 96 ново

Управа за заштита на културното наследство: Не се рушат градби кои се културно наследство

Управата за заштита на културното наследство во писмена реакција ги оквалификува како невистини денешните обвинувања на Роберт Алаѓозовски од СДСМ. ­

-Во однос на рушење на дел од културното наследство господинот Алаѓозовски или е целосно неинформиран или изнесува невистини затоа што при досегашните и идните активности предвидени на и околу античкиот театар, ниту е, ниту смее да се рушат никакви градби или елементи кои претставуваат културно наследство што навистина е забрането со закон, се вели во реакцијата.

Од Управата за заштита на културното наследство посочуваат дека конзервацијата на сценската зграда е завршена во 2016 година, а во моментот, како што се наведува во реакцијата, на оваа сценска зграда е невозможно да се направи целосна реконструкција бидејќи на дел од неа се наоѓаат современи христијански гробишта. ­

-Во врска со неговата изјава дека не се знае како точно изгледал античкиот театар во Скупи повторно треба на господинот Алаѓозовски да му нагласиме дека: На античкиот театар во Скупи во периодот од јуни 2013 година до мај 2016 година се извршени археолошки истражувања во кои целосно се истражи Театронот, Оркестрата, а Скената не се доистражи целосно со оглед на тоа што во нејзиниот северозападен дел се наоѓаат современите христијански гробишта, се вели во реакцијата и се додава дека истражувачкиот тим бил составен од стручни и научни лица од повеќе научни институции во државата.

За време на археолошките истражувања, се посочува во реакцијата, најдени се оригинални седишта Ин Ситу, коридори, влезови, степеници, оплати и слично со што се добиле доволно информации за изгледот на театарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top