недела, 18 ноември 2018 | Вести денес: 0 ново

Пејачката емотивна: Цел свет го видов, но нему му се вратив

andrijana janevskaПо повод 72 години од ослободувањето на Скопје од фашистичката окупација, пејачката Андријана Јаневска напиша емотивен статус посветен на родниот град

 Скопје, затоа што овде сум се родила, сум проодела и прозборела. Затоа што татко ми ми ја извади првата слободна карта кога бев прваче. Затоа што со виолинчето под рака сама одев на музичко со автобус и чекав на Судска палата до ниедно време. Затоа што секој ден киснев кај мајка ми на работа. Затоа што јадев осмина со месо и јогурт во „Ванила” пред да ми почне часот. Затоа што на голем одмор седевме и се глупиравме кај сидрото на кеј. Затоа што одевме пешки до Партизан и Олимписки на физичко, славевме матурска во Арапска палата, излегувавме до ниедно време во „Маракана”, славевме апсолвентска во „Езерце” во парк. Скопје, затоа што дедо ми доаѓаше кај нас со точак, а после одеше по риба на Лепенец. Скопје, затоа што татко ми ми раскажуваше како играл фудбал и како се бањал во Вардар (и како за малку еднаш како дете ќе се удавел). Затоа што ме носеше на „Златно славејче” и „Пиколо” и седеше на моите јавни часови и натпревари по виолина. Затоа што секој викенд со брат ми нè носеше на Водно или на Матка. Затоа што ни даваше да го возиме „ситроенот” (на нашата уличка, со помош) и оттогаш сум љубител на автомобили и возење. Затоа што по музичко одевме на ќебапчиња во „Дестан”. Затоа што како деца нè носеше во сите музеи низ градот. Затоа што кога требаше да ми купат патики (во сабота), ја шетавме цела чаршија и цел град, додека нозе не нè здоболат. Скопје, затоа што чекавме пред Државна да го видиме бебето (сестра ми), а по долги години со неа јадевме симит во Чаир во три сабајле. Затоа што еднаш ја терав да се спушти со точак накај Серава и се искрши, па после ја лажевме мајка ми дека ништо не ѝ е. Затоа што во Чаир се родени моите два сина. Затоа што цел свет го прошетавме свирејќи и пеејќи, а пак му се враќаме на Скопје. Затоа што го сакам секое негово камче, секоја негова педа и секој негов мирис. Скопје, радост ти ќе бидеш!”, стои во постот на Јаневска која наскоро ќе промовира нов музички материјал на кој работи во моментов во домашното студио со сопругот Драган Гиновски Гино.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top