среда, 24 октомври 2018 | Вести денес: 1 ново

Агенција за филм: Горјан Тозија повторно се обидува да ја манипулира македонската културна јавност

На 10.09.2016, на прес-конференцијата по повод премиерата на играниот филм „Ослободување на Скопје“ на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, господинот Горјан Тозија излезе во јавноста со изјава дека во последните 12 години не работел на ниту еден филмски проект финансиран од страна на Агенцијата за филм, се вели во реакцијата на Агенција за филм на Република Македонија.

Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме целата реакција од Агенција за филм на Република Македонија

Во изјавата г-нот Тозија, како главен виновник за таквата негова лична ситуација, ги посочува Агенцијата за филм и Министерството за култура на Република Македонија.

Од изјавата на г-нот Тозија може да се констатира дека тој повторно се обидува да ја изманипулира македонската културна јавност, изнесувајќи невистини за кои може да се наведат бројни докази како поткрепа на искажаните лаги. Имено, г-нот Тозија во изминатите години во својство на управител на правно лице – продуцент, кој согласно Законот за  филмската дејност може да се јави како апликант на Конкурс за финанисрање на филмски проекти, ниту еднаш не поднел апликација за филмски проект. Согласно наведеното Агенцијата за филм не била во можност да разгледува и да одлучува по проекти доставени од страна на продуцентска куќа во која тој се јавува во својство на управител.

И покрај тоа г-нот Горјан Тозија, бил вклучен во бројни филмски проекти на други продуцентски куќи, кои со сериозни финансиски средства биле поддржани и од страна на Агенцијата за филм и од Министерството за култура на Република Македонија.

Како пример ќе наведеме само некои од нив.

Актуелниот долгометражен игран филм „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија, е поддржан од страна на Агенцијата за филм со износ од 30.000.000 денари, а воедно за овој филмски проект се доделени и дополнителни средства во износ од 46.456.200 денари, односно вкупно 76.456.200 денари. Во овој филмски проект согласно доставената документација во Агенцијата за филм Горјан Тозија се јавува на позиција Продуцент.

Во долгометражниот игран филм „Трето Полувреме“ во режија на Дарко Митревски, кој е поддржан од страна на Агенцијата за филм со износ од 30.000.000 денари и дополнителни финансиски средства од Владата на Република Македонија во износ од 71.500.000 денари, односно вкупно 101.500.000 денари, согласно доставената документација во Агенцијата за филм  Горјан Тозија се јавува на позиција Извршен Продуцент.

Господинот Горјан Тозија има работено и на долгометражниот игран филм „Балканот не е мртов“ во режија на Александар Поповски, кој е поддржан од страна на Министерството за култура со 47.820.000 денари и 3.000.000 денари од страна на Агенцијата за филм.

Во долгометражниот игран филм со македонски малцински удел „Духот на Баба Илонка“ во режија на Томислав Жаја, кој е поддржан од страна на Агенцијата за филм со износ од 6.000.000 денари Горјан Тозија се јавува на позиција Ко-продуцент.

Покрај наведените филмски проекти во кои Горјан Тозија се јавува како дел од продукциската екипа, минатата година тој е поддржан и со финансиски средства од страна на Агенцијата за филм за присуство на Генералното Собрание на Европски продуцентски клуб во Кан, Република Франција, со износ од 244.730 денари.

Со самото учество на господинот Тозија во наведените проекти јасно е дека станува збор за само уште еден обид да се дискредитира успешната културна политика на Република Македонија во која творештвото и творечката естетика се на прво место. Своето незадоволство Горјан Тозија многупати го изразил на груб и вулгарен начин. Причините за таквото негово однесување сигурно не се во доменот на културата. Со овој демант, македонската културна јавност ќе има една реална слика за еден перфиден, неаргументиран и, пред сè, субјективен напад  на целокупната филмска и културна состојба во нашата земја.

И на крај сакаме да посочиме дека господинот Горјан Тозија сакајќи себе си да се претстави како жртва, единствено успева да се демантира самиот себе.

Нормативниот кодекс на оваа Влада и културната политика на Министерството и Агенцијата за филм гласи: единствено  мерило за  финансирање на еден проект е неговата естетска вредност, преку транспарентно и неселективно одлучување во интерес на филмската уметност и културата.

Веројатно господинот Тозија почитува некои други кодекси.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top