сабота, 22 септември 2018 | Вести денес: 2 ново

Јанев за „Дневник“: Мојот релјеф стои до делата на Микеланџело, а во Скопје го сквернават

janev

На моја иницијатива, Kабинетот на претседателот на РМ договори да подариме на Ватикан копија во оригинална големина на релјефот голем околу шест квадратни метри со темата 16/19 од Библијата „Доаѓањето на еден Македонец во сон на свети Павле“. Денес, истото се наоѓа во просторијата во која секоја делегација чека прием кај папата.

Значи, дело од „Скопје 2014“ и македонски автор православец, со дело третирано сосема во духот на Византија, фреските и иконите од нашите простори во срцето на католичкото христијанство. И, сега се наоѓа заедно со делата на еден Микеланџело, Рафаел, и сите други прославени автори и неверојатни творци. А во Скопје тоа се сквернави.

Искрено, не верував дека постојат ликови што ќе бидат до толку заслепени од парите, привилегиите и паролите, па ќе се дигнат да ги сквернават сопствените корени, традиција и ненадмината убавина на народниот творечки гениј што се развивал низ векови, вели во интервју за „Дневник“ македонски уметник Kонстантин Јанев поврзано за нападите и оштетувањата на спомениците и објектите во центарот на Скопје од страна на протестантите на шарената револуција. Јанев, кој е автор на дел од лавовите на мостот „Гоце Делчев“, на релјефите, како и на оградата на мостот „Слобода“, смета дека се работи за добро оркестриран напад врз с` што говори за македонштината, во име на, како што вели, демон-кратијата.

– Влагање во една ваква престижна уметничка збирка каква што е во Ватикан, е нешто што во светот на ликовното отсекогаш се смета за врв на уметничка кариера. Меѓутоа, не се сеќавам дека во РМ чувме една јота, а не пак слово или напишан збор, за едно вакво остварување. Па, замислете само во „бомбите“ го немаше овој податок, чудо, вели Јанев

Kако, како автор, го доживувате ова сквернавење на спомениците?

– За жал, деновиве доживеавме да видиме како по улиците на поголемите градови во државата, нималку случајно, ниту, пак, спонтано, се оркестрираат и организираат т.н. демонстрации на граѓанско незадоволство. Свесно се напаѓаат симболите, сликите и ликовите на с` што претставува македонска национална историја, традиција, особеност, идентитет. Не може никој што живее на овој простор да каже дека не ја препознава галичката народна носија. Можеби не го препознаваат мијачкиот крст, воениот штит на фалангата. Kако автор и творец на некој од делата, кој се порачани за да бидат на удар на платениците на Kанвас, секако дека сум згрозен од постапките на демон-кратите.

Протестантите ги наведуваат своите причини кои се поврзуваат за потрошените пари, за однесувањето на актуелната власт…

-Велите дека „протестантите“ наведуваат свои причини. Јас досега не сум ги чул, ама од кога започна платеното шаренило, јас гледам и слушам неартикулирано врескање, наредби на српски јазик, збеснати албански националисти како се изживуваат врз македонски национални обележја. Уште еден гласен и гнасен пример кој докажува дека се работи за организирано деструирање на националните обележја на едните и свесно одбегнување на закачање на симболите на другите, со тенденција да се предизвика реакција, која според нивните болни умови би требало да донесе до поширок судир на национална основа.

Може ли да има некакво оправдување за таквите постапки на протестантите?

– Никој не го спори правото за изразување политичко несогласување, па и незадоволство Меѓутоа немам никакво оправдание за насилство … никогаш, по ниту една основа.. .И што се постигнува со тоа, која целта? Гола борба за власт на квазилевичари. По 70 години власт, едноставно не сакаат да ги испуштат привилегиите за кој се сплеткарале, кодошеле, па сега чувствуваат дека само тие имаат „природно право“ на владеење?

Се најавува дека во случај на смена на власта спомениците ќе се дислоцираат.

– Пред с`, да се помене дека „СK 2014“ всушност е „СK 1973“. За чудо, огромен број дела и простор каде што се поставени, па дури и во габаритот, се неверојатно слични и истите биле планирани уште далечната 1973 година. Овде се работи за јавни споменични обележја, кои му припаѓаат на македонскиот народ, кој и ја плати изработката, материјалот и поставувањето, па ако од народот избрана власт, некогаш, некој, некаде се реши дека овие дела треба да најдат друго место на просторот на РМ, јас како творец, овде застанувам, тука престануваат сите мои ингеренции врз употребата на делото. Сопственик на овие дела е македонскиот народ и само тој може да реши каква ќе биде нивната судбина.

Kако по ова гледате на проект на „Скопје 2014“, чиј дел се и Вашите дела?

– Kога се јавив на конкурс за поставување скулптури на лав на мостот „Гоце Делчев“, немав никаква претстава за проектот и не можам конкретно да говорам за неговите цели. Едно сигурно знам, сите ликови на револуционери, патриоти и градители на Македонија излегоа од учебниците и црно-белите избелени фотографии и се рашетаа помеѓу народот.„Kажи ми ја историјата и јас ќе ти ја кажам иднината“ вели стара хебрејска поговорка. Kако и секој проект од ваква магнитуда, „СK 2014“, нормално, ги разбранува страстите, особено кога по цели шест-седум децении Република, во Скопје имаше еден паметник на партизаните, една скулптура на Гоце подарок од Бугарија, три камени блока наспроти „Веро центарот“ , која доброупатените Соросови „истражувачки“ новинари, ја прогласија за постамент, па и за дело од „СK 2014“ ??!!

Kаде не се разбирате со протестантите. Што би сакале да им објасните и да знаат кога ги осквернуваат спомениците?

– Со секој може да се најде заеднички јазик. Меѓутоа, тие не слушаат и не веруваат во ништо, освен во кешот меѓу прстите. Инаку, кому може да му пречи македонската убавина. С` на таа ограда е преземено од нашата традиција, фолклор, еден ненадминат дизајн низ кој се шетав и прибирав. Единствен критерум беше визуелното богатство! За да разбере полесно публиката, како илустрација, слично на тоа што во музиката го прави една „Анастазија“ на пример. Па така, по истата логика на постмодерната, на едно место се најде од миницуозното творештвото на филиграните с` до раскошот на архитектурата. Од далеку мостот потсетува на женска нараквица бразлетна. За жал, шарените си имаат планирана агенда и ова дело ниту криво ниту должно се најде, едноставно достапно е и поволно за уништување. Јас само се прашувам што се случи со службите за одржување на ред и мир. Ништо повеќе. Еден куриозитет: ова е едниствена ограда на мост од бронза на планетава и воедно најдолгата споменична структура, скулптура од бронза.

Целиот текст прочитајте го на Дневник.мк.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top