среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 0 ново

Во Скупи пронајдени 8.500 артефакти, следува реконструкција на сценската зграда

Целосно е завршено археолошкото истражување на гледалиштето и сценската зграда на театарот во Скупи, кое беше реализирано во последните три години, период во кој се пронајдени околу 8.500 вредни артефакти. Како следна фаза почна реконструкцијата и конзервацијата на сценската зграда на овој најголем антички театар, кој има капацитет од околу 9.000 места.

Created with Nokia Smart Cam

Со динамиката на реализацијата на планот за реконструкција на театарот, денеска се запозна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која го посети археолошкиот локалитет Скупи заедно со градоначалниците на Град Скопје и на општина Карпош, Коце Трајановски и Стевчо Јакимовски, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ и со останатите директории стручни лица надлежни за локалитетот.

Канческа-Милевска посочи дека динамичниот план се следи многу прецизно од страна на надлежните институции и сите стручни лица, а денеска имале можност да видат и дел предметите пронајдени во фазата на истражување и археологија на гледалиштето.

– Во изминатите три години додека се истражуваше пронајдени се околу 8.500 вредни артефакти од најразлични периоди вклучувајќи го римскиот, античкиот, средновековниот период итн. Можевме да видиме голем број монети, керамички предмети, камена пластика. Сите овие предмети, вредни артефакти, планираме да бидат изложени на изложба која ќе се одржи на крајот на годинава или на почетокот на следната година, рече Канческа-Милевска.

DSC_0251

Во врска со почнувањето на реконструкцијата и конзервацијата на сценската зграда на театарот Скупи, нагласи дека фирмата која била избрана од страна на Управата за заштита на културното наследство веќе започнала со градежните работи. Појасни дека рокот за завршување на сценската зграда каде ќе има конзервација и дел реконструкција е шест месеци, така што тие активно почнуваат да работат и изрази надеж дека ќе го запазат рокот.

 

– Во однос на проектот за гледалиштето, идејниот проект е направен, во завршна фаза е основниот проект кој треба да се предаде од страна на надлежната институција Национален конзерваторски центар на Управата, до крајот на ноември. Според динамиката, Управата за заштита на културното наследство во декември треба да го распише тендерот за избор на фирма која ќе го реконструира гледалиштето на театарот Скупи, истакна Канческа-Милевска.

Изрази надеж дека во март идната година ќе може да почне реконструкцијата на гледалиштето на театарот и до крајотна 2017 година да се стави во функција овој многу значаен локалитет.

Потенцира дека театарот во Скупи со капацитет до 9.000 седишта ќе биде од голема важност и за реализација на голем број културни манифестации, а со својата историска и археолошка вредност ќе има можност да привлече голем број туристи.

– Во првиот бран од едицијата на 130 вредни монографии во делот на нашето културно наследство излезе и монографијата за Скупи, додаде Канческа-Милевска и изрази благодарност до сите стручни лица, раководители, археолози, работници за нивната огромна посветеност и што успеаја за краток временски период да ја завршат археологијата на овој локалитет и да се запази целокупната динамика.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски изрази благодарност до Владата, премиерот Никола Груевски и министерката Канческа-Милевска за реконструкцијата, заштитата на овој археолошки локалитет, кој ќе биде еден од најголемите и најраскошните археолошки локалитети во Република Македонија.

 

Се надевам дека со изградбата на овој археолошки локалитет градот Скопје ќе добие уште повеќе на значење во смисла на повеќе туристи кои ќе доаѓаат во Скопје и одржувањето на културните манифестации. Со оглед на тоа што овој археолошки локалитет ќе биде и под Музејот на Град Скопје, ние како Град Скопје и општина Карпош паралелно со реконструкцијата и конзерваторската заштита на овој локалитет, работиме на она што ќе биде наша надлежност,истакна Трајановски.

Имено, посочи, Градот Скопје го донесе регулацискиот план за овој дел, склучена е меѓуопштинска соработка со Карпош за изработка на конзерваторските основи кои деновиве ќе почнат да се прават, а понатаму таа општина ќе треба да донесе детален урбанистички план.

Град Скопје заедно со општина Карпош ќе ги уреди дополнително инфраструктурните објекти: пат, паркиралиште…

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ истакна дека античкиот театар во Скупи е најголемиот театар во Република Македонија, и по финалната реконструкција ќе биде единствен објект не само во земјава туку и пошироко.

 

– На овој простор при ископувањата се откриени остатоци од најстарото живеалиште тука, гробови од архајскиот период, најстарите жители на скопскиот регион што биле пајонските агријани, после тоа имаме изградба на театар во вториот век од новата ера – времето на римскиот цар Адријан и тој егзистира до доцната антика – четврти, петти век веќе се урива со истекот на времето. Наодите кои се откриени досега ценам дека се вистински културен трезор, рече Лилчиќ.

Додаде дека станува збор за повеќе илјади наоди кои ќе ги претстават на годишната изложба за 2015 година во декември.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top