среда, 18 јули 2018 | Вести денес: 78 ново

Митов: Изјавите на Лавров за Македонија се неодговорни и неприфатливи

mitov

Шефот на бугарската дипломатија Даниел Митов ја оцени како неодговорна и неприфатлива вчерашната изјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека се предлагаат идеи за поделба на Македонија меѓу Бугарија и Албанија.

– Добро се познати сите премрежиња низ кои помина Република Македонија на патот до воспоставување и до засилување на нејзината државна независност и суверенитет. Цело ова време токму Бугарија беше земјата што даваше најголемата поддршка за независноста на Република Македонија и стана гарант за нејзиниот територијален интегритет. Потсетуваме дека Бугарија беше земјата што прва ја призна Република Македонија и оваа одлука беше клучна за стабилноста во Југоисточна Европа – се вели во пишаната изјава на Митов објавена на веб-страницата на бугарското МНР.

Митов нагласува дека се неприфатливи обидите да се стави под сомнение европскиот поредок во регионот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

– Стабилноста на сите земји од Југоисточна Европа е од огромно значење за нас и обидите на земји надвор од регионот за нејзиното поткопување преку слични сугестии треба да бидат прекинати. Бугарија ќе продолжи да биде гарант за независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и во тоа не може да има никакво сомнение – вели бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вчера во говорот пред Парламентот во Москва рече дека случувањата во Македонија произлегуваат од желбата да се влијае на Владата на премиерот Никола Груевски во врска со одбивањето да се приклучи кон санкциите против Русија и поддршката што ја дава за проектот „Турски тек“.

– Многу е тажно и опасно дека за таа цел се прават напори да се искористи албанскиот фактор. Пред многу години имаше сериозни спротивставувања и тогаш (во 2001) беше потпишан Охридскиот договор, а сега се зборува дека Македонија треба да се федерализира уште подлабоко, дури се предлагаат идеи и да биде разделена – еден дел да биде даден на Албанија, а друг на Бугарија – изјави Лавров

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top