среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 105 ново

Приватниот сектор не користи доволно ИКТ технологии за развој

masit

Шеесет и шест проценти од македонските компании не користат нови технологии за поголем развој. Неемитувањето акции за зголемување на капиталот е исто така ограничувачки фактор за поголем развој. Треба да се користат можностите за финансирање издржани идеи за почнување бизнис, но и за зголемување на
капацитетите на веќе етаблираните фирми.
Тоа беше истакнато на отворањето на конференцијата „Европски ден на претприемништвото и отворените денови на МАСИТ“, што се одржува денеска во Скопје во организација на Европската бизнис асоцијација и Макеоднската стопанска комора за информатичка технологија.
Учесниците на конференцијата дебатираат за најновите трендови во развојот на ИКТ и нивната примена од приватниот сектор, начините за почнување старт ап бизниси, можностите за финансирање, потенцијалите за зголемување капитал…
Министерот за информатичко опшество и администрација Иво Ивановски истакна дека во глобалниот извештај на Светскиот економски форум за годинава Македонија е рангирана на 57 место и бележи подобрување за десет позиции. Од аспект на информатичките и комуникациските технологии има голем број индикатори во кои имаме добри страни, но треба да се продолжи да се работи на ова поле со цел да се подобрат слабите индикатори, како што е користењето на ИКТ во приватниот сектор.
– Тука не зборувам за компании на кои основна дејност им се информатичко комуникациските технологии, туку останатите компании кои треба да ги применуваат најновите технологии. Една од најслабите мерки ни е и патентирањето, односно нови патенти и изуми – изјави Ивановски.
Тој информира дека по број на интернет корисници Македонија е рангирана на 43 место, според број на мобилни корисници на 82 место, домаќинства со интернет – 49, фиксен широкопојасен интернет – 48 место, домаќинства што користат компјутер – 55, широкопојасен интернет преку мобилен – 63, интернет пристап во училиштата – 40 место, софтвер, пиратерство – 62, пристап до најнови технологии – 80, капацитет за иновации на 94 место,
наоѓање инвестициски ангел на 90 место, вложување во обуки на вработените од страна на компаниите на 104 место. Според индексот на влијанието на ИКТ во креирање нови сервиси и производи Македонија е рангирана на 81 место.
Владата, додаде, веќе подготвува акциски план за секој индикатор, кој ќе биде доставен до приватниот сектор, по што ќе биде усвоен со цел да се подобри рангирањето.
За иновативните начини за финансирање на новите растечки компании во ИКТ на конференцијата говореше Глигор Бишев, претседател на Европската бизнис асоцијација.
Според него, за разлика компаниите со успешни приказни во светски рамки, кои почнале со добри идеи и мал износ на пари, се развиле и за десет години стигнале до голем капитал, успешните домашни компании не се одлучуваат да одат на јавна понуда на емисии на акции.
– Во Македонија во последните 20 години ниту една компанија нема направено јавна емисија на хартии на од вредност. Малите бизнис кои треба да растат и да се движат претежно сакаат својот раст да го базираат на позајмени средства од екстерни извори, а за да се позајмат средства мора да имаат и сопствено учество – наведе Бишев.
Споредено со меѓународната пракса, потенцира, компаните во Македонија својот раст претежно го базираат или од задржаниот профит или од кредитирање од банките. И од тој аспект и растот на македонските компании е доста бавен во однос на меѓународниот раст.

– Акционерските друшта во Македонија во однос на вкупниот број компании се 0,7 проценти, рече Бишев.
Слаѓан Михајловски, претседател на УО на МАСИТ истакна дека фокусот на ИКТ секторот во наредниот период треба да биде извозот.
– Компаниите треба да се фокусираат на извозот бидејќи тоа е единствениот спас за држава како Македонија. Информатиката е индустрија со додадена вредност која може да донесе многу девизи во Македонија – изјави Михајловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top