четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 101 ново

Јаневска: Некој не може да се помири со туѓ успех

Македонската музичарка Андријана Јаневска пред неколку дена се врати од Рига, каде заедно со женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ освои два златни и еден сребрен медал на престижните Светски хорски игри. Летонскиот главен град годинава е европска културна престолнина.

– Да се учествува на една таква манифестација како што е хорската олимпијада, самото по себе е престиж, затоа што поканети се исклучиво врвни хорови од цел свет кои веќе некаде освоиле златни медали. Св. Злата Мегленска беше единствениот хор од Македонија кој зеде учество на овој голем натпревар. Беа пријавени над 570 хорови од целиот свет (во најразлични состави), а ние се натпреварувавме во три категории: духовна музика, световна музика и фолклор. Седумчленото жири не можеше да остане рамногушно на прекрасните композиции на македонските композитори, па неколкумина од нив ни доделија по 10 поени (максимум) во сите сегменти од оценувањето: интонација, квалитет на звук, општ артистички впечаток и доследност кон партитурата. Најдобри резултати остваривме во категоријата световна музика, каде бевме наградени со долги аплаузи и овации и од публиката и од жирито – вели Андријана.

hor

И покрај гордоста да се биде дел од овој успех, Јаневска остана револтирана од некои колеги кои, како што вели, го оспоруваат успехот на хорот и со злобни коментари сакаат да го минимизираат ова достигнување.

– Уште додека бевме во Виена чекајќи го вториот лет кон дома, дознав дека неколкумина наши колеги музичари (а и луѓе кои не се музичари, но се во таа фела) коментирале на ФБ за нашиот „не така голем“ успех, при тоа потенцирајќи несакан новинарски лапсус, вадејќи го од контекст успехот на хорот. Новинарот објавил дека сме освоиле две први и едно второ место, а не два златни и еден сребрен медал како што е исправно. Како и да е, фактите се на наша страна, а очигледно дека некој не може да се помири со туѓ успех – посочува таа.

andrijana-janevska

Со светската хорска олимпијада не завршуваат обврските на Јаневска, која летово го поминува доста работно.

– Ова лето ќе биде во знакот на работата. Веќе за една седмица патуваме за Минхен на еден значаен фестивал, но претходно имам обврски во студио со две детски песнички и мојата нова песна Казна за која ќе снимам и спот. Со етно проектот МИТАН ме очекуваат неколку летни настапи, а ќе бидам и придружен вокал на концертот на Влатко Стефановски во Битола. Во август ме очекуваат неколку натпревари на мои ученици, па ќе имам и такви обврски. Секако, ќе најдам и време за годишниот фамилијарен одмор со сопругот и синот кој нема да биде подолг од 6-7 дена – вели Јаневска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top