сабота, 17 ноември 2018 | Вести денес: 74 ново

Саат-кулата симбол на Битола

Единствената неодгатната приказна за оваа Саат-кула е приказната за 60.000 јајца, кои турската власт ги собрала од населението за да бидат искористени за нејзината изградба, да биде поцврста и поотпорна

Сместена во југозападниот дел на Македонија, Битола е втор по големина град во државава. Овој град со импозантна архитектура и традиција, добил многу епитети: градот под Пелистер, град на конзулите, а препознатлив е и по Широк сокак, Хераклеја, Драгор, Безистен, Саат-кулата, Јени-џамија и многу други. Битола е бесценета ризница на духовна и на материјална култура. Овој град плени, а истовремено инспирира, па затоа секое доаѓање овде е ново доживување.

За битолчани градскиот часовник изграден во 16 век е еден од најмонументалните културни споменици. Тој отсекогаш бил мерач не само на времето, туку и на режимот. Граѓаните паметат дека во почеток од вградувањето на механизмот се слушала химната на кралството СХС, потоа „Хеј, Словени“, па македонската химна, а сега култната песна „Битола, мој роден крај“.

Reportaza80-2

Саат-кулата за многумина е и симбол на градот Битола. Кулата се наоѓа во паркот каде што постојано се собираат млади уживајќи во центарот на градот. Паркот е, исто така, место кадешто граѓаните за време на бадниковата вечер го чекаат Божик и притоа палат свеќи за здравје во тревникот и на тротоарот покрај паркот каде што е кулата. Саат-кулата е најпрепознатливиот споменик со кој се идентификува Битола. Се наоѓа во строгиот центар, на северниот дел од Широк сокак, околу кој има многубројни културно-историски споменици, но и нови градби. Со својата висина, градскиот часовник доминира во просторот и емитува популарна музика кога ги отчукува часовите.

Кулата има основа во облик на квадрат и е висока околу 30 метри. На врвот на кулата се наоѓаат тераси со ковани огради, а на сите страни на терасите се наоѓаат конструкции што држат светилки со помош на кои целата кула и нејзиниот часовник се видливи и ноќе. Часовникот се наоѓа на најгорното од трите нивоа. Првобитниот часовник е заменет за време на Втората Светска војна со понов и многу попрецизен часовник. Новиот часовник го купиле нацистите во знак на благодарност на граѓаните за германските гробишта што ги подигнале за жртвите од конфликтот во Битола, заедно со англиските и француските гробишта за време на Првата светска војна.

Reportaza80-4

Секој објект си има своја приказна, која се предава од генерација на генерација. Нејзината вистинитост никој не ја проверува затоа што приказните се за да се прераскажуваат. Единствената неодгатната приказна за оваа Саат-кула е приказната за 60.000 јајца, кои турската власт ги собрала од населението за да бидат искористени за нејзината изградба, да биде поцврста и поотпорна. Звукот на ѕвоната, музиката, се разлева низ просторот, низ малиот парк исполнет со убавина.

Новите љубови, новите симпатии се плетат во нејзиното подножје затоа што само таа знае како се чуваат тајни. Убава и едноставна приказна, зар не?

Reportaza80-3

Според старите преданија денешната Саат-кула е изградена во истиот период кога во нејзина непосредна близина се градел и православниот храм „Св. Димитрија“, во триесеттите години на 19 век, иако постоењето на саат-кула во Битола се споменува уште од 16 век.

Изградена е од масивни камени блокови. Главниот и воедно најдекоративен дел од Саат-кулата го сочинува делот каде што се поставени бројчениците, и тоа од сите четири страни по еден.
Влезот во Саат-кулата е обрабен со големи мермерни блокови и се наоѓа на северната страна, а стотина скалила водат до нејзиниот часовник, до нејзиниот врв на приближно 32 метри. На секое скалило нова информација, нова трансформација. Тие скалила водат до врвот од каде што во минатото се огласувале големите метални ѕвона, кои го означувале времето. Во 1927 година е поставен првиот бројченик и механизам изработен од германската компанија „Конфаге”, но биле извршени и некои измени. Лицата задолжени да ги удираат камбаните биле заменети со сајџиите, кои се задолжени за одржување на часовникот и на неговиот механизам. Првиот бројченик бил бел со црни бројки и стрелки и бил помал од сегашниот. Овој механизам бил заменет во 1936 година, кога биле поставени и нови 15 ѕвона, тешки 900 килограми, кои биле знак на благодарност за изградбата на спомен-гробницата на германските војници загинати во Првата светска Војна.

Во 1962 година механизмот е обновен, а во 1970 година е поставена и клавијатура за изведба на нови композиции. Оваа Саат-кула е една од вкупно 180 во светот во која бил вграден ваков механизам. Музичките композиции ја прават уште поневообичаена. На секои шест часа се огласува една од  вкупно шесте композиции: „Битола бабам Битола”, „Билјана платно белеше”….

Оваа Саат-кула не е само симбол на времето што одминува незапирливо туку таа е симбол на величественоста на Битола и на нејзиното опстојување. Стрелките отчукуваат во знак на минатото, но го означуваат и новото време.

Reportaza80-5

Во 2009 година, Градскиот часовник, еден од најголемите споменици на културата во Битола, почна да се реконструира. Почната е реконструкцијата на покривниот дел со бакарна облога, како и на плочките околу часовникот, со цел да биде спречено навлегувањето вода, снег и мраз. По завршувањето на градежните работи следуваше репарација на механизмот на часовникот, кој повеќе од четири месеци беше блокиран и не покажуваше точно време. Во овој зафат учествуваа и стручњаци од Германија од каде што потекнува механизам на Градскиот часовник во Битола.

Со реконструкцијата на часовникот, историската песна „Таму ле мајко, близу Битола“, посветена на народниот херој Таки Даскало, која градскиот часовник во Битола со години и децении ја отчукуваше во исто време, замина во историјата. Со замената на механизмот на градскиот часовник се заменија и песните што ги репродуцираше часовникот, означувајќи точно време. Сега остана само свечената песна на Битола од Ајри Демировски, која пее „Битола мој роден крај“.

– Ме вознемири чинот. Таки Даскало не беше анонимус, го познаваа на просторите на цела поранешна Југославија. Мојата реакција до општината е да не се обидува да ја менува вистината и историјата поврзана со овој град, рече револтирано Драгица Мисирлиевска (71), снаа за брат на загинатиот партизан.

Заменувањето на механизмот на Градскиот часовник во Битола, кој со години беше надвор од функција, беше проследен со голема свеченост и присуство на гости од земјава и од странство. Станува збор за германска донација вредна 10.000 евра.

– Со сигурност тврдам дека беше расипан само механизмот на часовникот, а не и механизмот што ги репродуцираше песните. Не знам дали намерно или не, песната за Таки Даскало не можела навреме да се вметне – велат битолчани.

Место песните од минатото, градоначалникот на Битола има нова идеја – да се фаворизираат песните на земјите што имаат почесни конзулати во Битола, како и песни од збратимените градови. Целта е да се афирмира мултикултурната традиција на Битола.

– Со новиот механизам имаме уште поголема можност од тоа што го имавме. Градскиот часовник имаше мелодии и, веројатно, тоа беше вкупниот капацитет, но новиот може многу повеќе. Апсурдно е да вградиме еден таков механизам, а да не го искористиме и да остане само на една песна – смета Владимир Талески, градоначалникот на Битола.

Reportaza80-6

Саат-кулите на подрачјето на Македонија под Османлиската Империја почнале да се градат во средината на 16 век. Нивната распространетост била условена од урбанистичкиот развој, а и од верските потреби што ги вршеле исламските верници во одредено време на денот.

Прво часовниците го отчукувале времето а ла турка (лунарен часовник), а подоцна а ла франга.

Во градската силуета на речиси сите градови во Македонија, со оглед на нивната ориентална матрица, покрај џамијата, безистенот, анот и амамот влегувала и саат-кулата, која претставувала важен архитектонски елемент во јавниот живот на градот.

Саат-кулите биле градени најчесто во централните зони на чаршијата, покрај џамија, но ги има и на други места и претставувале дел од поголемиот урбан комплекс. Тоа се високи градби со четвртеста основа, ѕидани најчесто од камен и покриени со четирисливен покрив. Пропорците на саат-кулите биле одредувани според големината на чаршиите. Највисоката саат-кула се наоѓа во Скопската чаршија. Саат-кулата во Битола, пак, не се знае точно кога е изградена, иако постојат пишани извори од 16 век, кои споменуваат саат-кула, но не е утврдено со сигурност дали се работи за истата градба. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата „Св. Димитрија Солунски“, поточно во 1830 година.

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 80. број на неделникот „Република“, 14.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top