четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 101 ново

Македонскиот „Ајсмен“ Антиќ блескаше на гости кај Џордан (видео)

Перо Антиќ уште еднаш со извонредна игра потврди дека неверојатно брзо се прилагодува на стилот на игра во НБА лигата, а ноќеска блескаше пред очите на кралот на кошарката, Мајкл Џордан. Популарниот Ем-Џеј е сопственик на Шарлот бобкетс, тим што ноќеска беше поразен од македонскиот „Ајсмен“ и од неговите соиграчи од Атланта хоукс.

Антиќ постигна 11 поени, со 10 скока доминираше под обрачите и го оствари вториот дабл-дабл во НБА. Перо беше прв скокач кај гостите и втор на мечот зад Ал Џеферсон кој забележа 12 скока.

Со бекот Џеф Тиг постигнаа најмногу тројки кај Хоукс по 3. Перо имаше и две асистенции, едната од нив прекрасна до Пол Милсеп, што ја забележаа и камерите, па додавањето влезе во хајлајтсот од мечот, што го доби Хоукс со 97-83.

Мајкл Џордан пред четири години стана мнозински сопственик на Шарлот бобкетс и е актуелен претседател на клубот. Тој е еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, веројатно и најдобар во историјата на НБА лигата и престиж е да се игра добро кај него на гости. Антиќ одигра извонредни половина час (27,23 минути) во новиот дом на некогашната голема НБА ѕвезда на Чикаго булс, Мајкл Џордан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top