понеделник, 24 септември 2018 | Вести денес: 105 ново

Струмичката петорка – сеќавање на една украдена младост

На денешен ден, 13.08.1951 година, по грозоморно и ѕверско измачување, кај с.Дорломбос, на планината Беласица, од страна на злогласената УДБА убиени се петте струмички студенти: Борис Белев (22г.), студент по физика, Стево Топчев (19г.), студент по право, Ѓорѓи Костуранов (21г.), студент по медицина, Ѓорѓи Јармов (22г.), студент по геологија и Мирко Пецев (23г.), студент по право.

Нивната единствена вина: преголема љубов кон ВМРО и Македонија, обединета, независна и демократска Македонија… Приказната за петте струмички студенти е приказна за една предвреме згасната младост, приказна за една љубов, кон нивните девојки, но и кон ВМРО и Македонија, приказна за една нова голгота, ново измачување и ново предавство на Македонецот кон Македонецот…

Додека звуците на Маршот на македонските револуционери „Изгреј зора на свободата“ сеуште одекнуваа од едногласното пеење на делегатите на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчински“ во 1944 година, кои сонуваа за конечно ослободување и обединување на Македонија, над напатената со векови македонска земја започна да паѓа мракот и новото ропство кои го донесоа озогласените комунистички орди на ОЗНА (УДБА) и новиот македонски џелат, Светозар Вукмановиќ-„Темпо“. Први жртви на новиот комунистички режим, кој се беше ставил под целосно поданство на политичките центри во Белград, беше токму авангардата на АСНОМ: Методија Андонов –„Ченто“, Панко Брашнаров, Павел Шатев, Кирил Петрушев,…

Идејата на ВМРО и обединета Македонија сеуште силна на овие простори била најголема пречка за новите архитекти на поствоена Југославија кои многу добро знаееја колку е силен духот на ВМРО кај Македонците кој низ годините се претврои во вистинска тврдина на отпорот против сите поробители, вклучително ги и новите. Поради тоа, во 1946 година започнува вистинска хајка за сузбивање на тој дух и негово конечно искоренување од Македонецот. Новиот режим ќе се впушти во невозможна мисија на ништење на ВМРО не препоставувајќи колку овие четири букви се силно и масовно вкоренети меѓу Македонците, пред се младите. Затоа и младата македонска интелигенција ќе биде и најголемата жртва на поствоена Македонија.

Уште од завршувањето на Втората светска војна во 1945 година, тој дух на ВМРО, препознавајќи дека новите југословенски власти, наместо слобода за македонија го враќаат стариот репресивен режим, заштитнички се појавува и манифестира преку низа младински акции на растурање летоци и испишување пароли:„да живее ВМРО“, „долу новата буржоазија“, „да живее Македонија“ и сл.

Започнуваат да се редат масовни апсења, затворања, монтирани судски процеси, масовни стрелања и масовни гробници, она што го немало ниту за време на војната. Такви се масовните стрелања на македонските војници во Скопје и Штип и масовните гробници во Велес и Куманово, масовни гробници во „ослободена“ Македонија, како тажен синоним за новиот македонски холокауст.

Среде тие безбројни ѕверства, највпечатливо е убиството на петте струмички студенти: Борис Белев (22г.), студент по физика, Стево Топчев (19г.), студент по право, Ѓорѓи Костуранов (21г.), студент по медицина, Ѓорѓи Јармов (22г.), студент по геологија и Мирко Пецев (23г.). Како дел од младата македонска интелигенција која во тоа време се будеше во сите градови на Македонија. Доследни на идејата за слободна и независна Македонија, овие младинци се едно од најсилните јадра на ВМРО, што ќе ја направат и Струмица епицентар на воскреснатото македонско револуционерно движење.

Во рамки на акциите кои тогаш се спроведувале, а како реакција на започнатите експропријации, национализации, грабежи на имотите на граѓаните и гушење на националниот дух, на 01.05.1946 година, улиците во Струмица осамнуваат со летоци и пароли:„Долу предавниците!“, „Долу експонентите на србизмот Димитар Влахов, Лазар Колишевски, Михаило Апостолски и нивните другари!“, „Да живее духот на Гоце Делчев и Даме Груев“. Злогласената ОЗНА (УДБА) се впушта во акција и уапсила околу 25 млади луѓе меѓу кои: Методија Калкашлиев, Ѓорѓи Јармов, Коста Хаџимишев,  Љубен Топчев, Мирко Христов, Мирко Пецев, Борис Белев, Владимир Тодоров, Кирил Карагоцев, Никола Апостолов, Крсто Минашев, Душко Бунчев, Иван Хаџивасилев, Глигор Ганчов, Иван Андонов, Панче Шаламанов, Петар Брзилов, Ристо Паланов, Стојан Терзиев, Ратко Семенков и други. Во друга акција на ОЗНА (УДБА) уапсени се и други Струмичани: Живко Костуранов, Ристо Костуранов, Алекса Абрашев, Томе Мазнејков, Глигор Димитров, Ефтим Бојчев и други. Во судскиот процес кој ќе следи, на 21.08.1946 година во Штип осудени се: Методија Калкашлиев, Коста Хаџимишев и Ѓорѓи Јармов на по три години затвор, Љубен Топчев на две и Мирко Пецев на една година затвор. Поради недостиг на докази, ослободен е Борис белев, тогаш сеуште ученик. Казнувањто е извршено согласно новиот контроверзен „Закон за кривични дела против народот и државата“ (најчесто член 3, точка 8), врз основа на кој и се водеа овие монтирани судски процеси.

Самиот процес и испрашувањата ја покажуваат каузата и причините поради кои младите Струмичани, како и останатите Македонци го кренале својот глас: убиствата и затварањата, грабежот на приватниот имот и приклучувањето на новите власти во Скопје кон Белград. Се претставувале како следбеници на Гоце Делчев и историското ВМРО кое се бореше против турското ропство и сите останати ропства,како и следбеници на вредностите на современата либерална демократија, што значи парламентарна борба, слобода на изразување, избори, демократија. Се залагале за правото на самоопределување на Македонците. Едноставно, сакале слободна и независна Македонија, онаква за која сонувале и се бореле нивните предци.

Изворно, во Обвинителниот акт на Методија Калкашлиев, претставен како лидер на групата, стои дека „са всите обвинети, недоволни од денешната народна власт, во началото на 1946 година во гр.Струмица, организирале во удружење со фашистички цели против уставниот поредок на ФНРЈ. Така: под раководство на обвинетиот Калкашлиев – истите се организираат во организација која што има за цел борбата против денешната ФНРЈ и нејзиниот уставен поредок и одвојување на Н.Р. Македонија од составот на ФНРЈ во некаква си „Автономна Македонија“ на чело со крволокот на Мак. Народ Ванчо Михајлов, а под протекторат на Англија и Америка – значи сите обвинени се организират во организација која има за цел воведувањето на Македонија на владавината на В.М.Р.О. на Ванчо Михајлов.“ Токму Методија Калкашлиев е симбол на тоа ново невреме – целиот имот на неговото трговско семејство самоволно е конфискувано од новите власти, куќата им е запленета и претворена во штаб на УДБА, а неговиот татко без судски процес убиен. Зарем некој треба да бара причина повеќе за бунтовниот глас против ваквата неправда на младиот Методија?

Заедно со бројни македонски патриот, вклучително и  Методија Андонов-„Ченто“, кој се перцепирал како нов македонски апостол и предводник на идејата за слободна и независна Македонија, осудените Струмичани казната ќе ја издржат во Идризово, како замена за турската Анадолија за новите македонски револуционери. По завршувањето на затворската казна, Методи Калкашлиев, Коста Хаџимишев и Љубен Топчев бегаат во Грција, а од таму за Бразил, додека Ѓорѓи Јармов, Мирко Пецев и Борис Белев со течки опструкции ја завршуваат гимназијата и се запишуваат на различни факултети.

Силната љубов кон Македонија не згаснала ниту со полициските апсења, судските процеси и затворските казни. Ѓорѓи Јармов, Мирко Пецев и Борис Белев, сега заедно со своите другари Ѓорѓи Костуранов и Стево Топчев, не се откажуваат од својата благородна кауза и повторно ја возобновуваат струмичката ќелија на ВМРО, токму во стилот на Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев, Тодор Александров, илјадниците војводи и комити, со револверот и камата на библијата и читање на заклетвата. Освен што сонуваат за една поинаква Македонија, сонуваат и за своите љубови, своите девојки, сонуваат за своите идни професии, студентски денови. Навидум не се разликуваат од останатите младинци, одат на игранки, се шетат во познатиот струмички парк, се забавуваат, едноставно уживаат во младоста. Но, над таа младост, будно демне ОЗНА (УДБА) која го следи секој нивен чекор, посебно поради фактот што веќе се познати активисти и поранешни затвореници. Во тоа, како и секогаш во македонската историја им помагаат и послушните доушници и соработници, желни да се додворат на новите комунистички власти,кои пак од своја страна, во својот „лов“, упорно се додворувале на центрите во Белград.

На 11.08.2013 година, од игранка во Струмица, киднапирани се младите студенти и како трофеј носени по темните струмички улици се до седиштето на ОЗНА (УДБА). Таму, по наредба на судијката Мара Минанова, секретар на градскиот комитет на КПМ и Ристо Пиличев, извршен секретар на овој комитет, се однесени на планината Беласица, кај село Дорломбос каде зверски се измачувани. Несватлива е крвожедноста на новите македонски мачители и желбата крвнички да измачуваат пет млади луѓе, свои сограѓани. На жешкото августовско сонце, цел ден ѕверски се тепани и крвнички мачени. Историјата повторно сакала токму на Беласица да бидат масакрирани, како некогаш Самоиловите војници. Беспомошни, како на млади јагниња пред крволочни ѕверови биле нивните погледи. Тепајќи ги, крвниците со секој удар на стап извикувале:„Еве ви за Гоце“, „Еве ви за Јане, за Даме…“, „Еве ви за Ченто“….„сакате независна Македонија, еве ви за Македонија“…

На крај, кога веќе нивните млади тела попуштале пред налетот на стаповите на своите џелати, бидат убиени со по два истрели, еден во чело и еден во срце, како џелатите да сакале да бидат сигурни дека нема повеќе да бидат живи и да го продолжат револуционерното дело, како џелатите да сакале да бидат сугурни дека со истрелот во срце засекогаш ќе им ја убијат љубовта кон ВМРО и Македонија.

Веста за апсењето веќе се раширила низ Струмица заедно со огромниот револт и гнев кај граѓаните. За да ја смират реакцијата кај народот ОЗНА ја смислува веќе познатата лага „бегство преку граница“ и наредуваат погребот да се изврши веднаш за да не се дознае вистината. Но предоцна…Крвавите тела најпрвин со маски биле донесени до село Костурино, а од таму со камион до градот и додека сеуште течела нивната крв, без да ги видат нивните најмили набрзина се закопани во заеднилка гробница на православните гробишта во Струмица, додека телото на Борис Белев, на протестантскиот дел од гробиштата. Во окрвавеното тело на Белев бил пронајден и неговиот индекс, накиснат во крв и продупчен со куршумот кој му го пронижало срцето. Вечерта, околу илјада Струмичани се собрале на гробиштата како израз на почит, но и како порака до комунистичките власти дека со убиството на петмината сограѓани не се убива една идеја. Покрај илјадниците граѓани, над нивните свежи гробови биле и нивните девојки: Ленче, Марија, Мира, Нада…

На убиените студенти им бил подигнат убав споменик од бел мермер во вид отворена книга, на кој стоело дека се убиени. Но, и тоа им пречело на властите и по неколку години Васе Туџаров и Ванчо Фончев вршеле притисок кај семејствата да го разурнат, со закани за репресии над семејствата, дури со сквернавењена гробовите и расфрлање на коските. Како резултат на тоа, подигнат е нов споменик, кој нема да им пречи на властите ни по својата убавина, ниту по напишаната содржина. Стариот споменик, во парчиња стои како доказ за ваквиот вандализам.

strumicka petorka 2

Новите надгробни споменици подигнати по уништувањето на стариот споменик

 

Во годините кои следат, семејствата на убиените ќе се соочуваат со закани, притисоци, бркања од работа, претреси, закани со интернација и сл. Претседателот на градскиот народен одбор, Глигор Наков дури се заканувал дека сите членови на семејствата треба да бидат убиени!

Со годините се разоткрива и вистината за овој грозоморен чин и неговите актери. Покрај споменатите Мара Минанова и Ристо Пиличев, тоа се и Велин Наков и Ванчо Фончев, вкупно 14 души наредбодатели и извршители. Кај некои од нив почнала да проработува грижа на совест, започнуваат да одат кај семејствата и бараат прошка. Во Струмица се зборува дека многумина од нив ги снашла несреќна судбина како божја казна, дека Мара Минанова, чие име симболично (до 2009г.) го носеле името на улицата која води до струмичките гробишта, полудела. Она што е најболното во овој настан е предавството на петмината студенти од страна на нивни другари, кои заедно со нив положиле заклетва, но кои под притисок на УДБА истата ја прекршиле, Никола Апостолов-„Драмски“ и Жан Андонов. Во Струмица е познато дека многумина од извршителите на масакрот умирале во големи болку, со нечиста совест, признавајќи ја вината и молејќи семејствата да им простат.

Доблесните и мирољубиви семејства не сакале одмазда и во годините кои следат, на покајниците кои доаѓале по прошка само коментирале:„Не сакаме одмзада. Бог нека ви плати!“, оставајќи ги да живеат со својата грижа на совест, но и со срамот пред своите сограѓани и најважно, судот на историјата.

Осамостојувањето на Република Македонија и демократските промени, ќе биде остварување на визијата на петте струмички студенти. Полека започнува обелоденување на вистината за овој грозоморен масакр, негово актуелизирање и соодветно чествување. Полека петтмината млади дејци започнуваат да го заземаат местото во македонската историја кое им припаѓа и кое го обезбедија со своето револуционерно дело и маченичка смрт. Во 1992 година, во издание на книгоиздателство „Матица македонска“, излегува книгата на Струмичанецот Стојче Балкански „Проколнатата долина“ каде во уникатен и емотивен стил е опишан овој настан. Во 1999 година, на иницијатива на граѓаните е подигнат споменик во паркот пред зградата на општината. Во 2000 година, познатиот пејач од Струмица, Гоце Арнаудов на „Гоце фест“ ќе ја испее и баладата „Струмички студенти“, како можеби продолжение на неговата претходна песна „Проклети да се предавниците“. И како што пее во потресната балада:„Македонија на својот пат до вечноста мора секогаш да се сеќава на петте струмички студенти“.

strumicka petorka 3

Споменикот во Струмица посветен на петте студенти

 

Претходно, нивниот другар Методија Калкашлиев, во 1953 година во Монте Алегре, Бразил, ќе ја напише потресната „Балада за моите убиени другари“, која ќе допатува со него при враќањето во родната Струмица и родната Македонија, слободна и независна, заедно со Љубен Топчев. Својата балада, Калкашлиев ја завршува со стиховите:„Сонот-мечта ќе бликне во слобода“, сонот сонуван во 1946-та, 1951-та, 1991-та, 2001-та. Калкашлиев и Топчев го дочекаа остварувањето на нивниот сон и стапнаа во независна Македонија во 2001 година кога се објавени и неговите отворени писма (спомени) до Македонија. За жал, нивните школски другари, на кои керберите од УДБА, на 13.08.2001 година им ја украдоа младоста, тој сон не го дочекаа. Калкашлиев стана успешен архитект во Бразил, како остварување на еден студентски сон, но тој сон за успешен правник, лекар, геолог, физичар, неговите другари не го дочекаа. Борис Белев, имаше само 22 години, Стево Топчев, имаше само 19 години, Ѓорѓи Костуранов, 21 години, Ѓорѓи Јармов, имаше само 22 години, Мирко Пецев, имаше само 23 години…Вечна им слава!

Пишува: Васко Шутаров

НА СТРУМИЧКАТА ПЕТОРКА

(народна песна)

сношти си мајко замркнав

во Беласица планина

крај мало село Орманли

крај сува река Тракајна

Тамо си мајко јас видов

кумунистички клети жандари

сите со пушки, шмајзери

сите касапи, убијци

пет души момци водеја

со раце назад врзани

пет души млади студенти

верни на Македонија

Ги видов, мајко, ги познав

младите деца струмички

Јармов, пецев и Топчев

Костуранов и Белев

Викови страшни од болка

ја будат ноќта заспана

ја тресат гора зелена

и мало село Орманли

Пукнаа пушки пиштоли

и тие лути шмајзери

паднаа млади јунаци

во бујни крви залеани.

Не плачи мајко робинко

не плачи Македонијо

ти ќе бидеш слободна

слободна и независна

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top