Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски заедно со градоначалникот на општината Центар, Горан Герасимовски беше на локацијата каде што се изведуваат градежните работи за новата градинка „Пролет“, што се гради во истоимената населба Пролет, во општината Центар во Скопје.

Оваа градинка, што се гради овде во населбата Пролет, по најсовремени стандарди, е прва градинка што воопшто се гради во скопската општина Центар, по повеќе од половина век. Оваа градинка се гради на најголемата површина наменета за градинки, досега во државава. Само овие два факта се доволни за да се воочи разликата – што значи да се фокус потребите на граѓаните, а не лични и партиски потреби како во едно друго време, што за среќа е зад сите нас. Општина Центар сведочеше кога таа беше место каде наместо вакви градинки, се креваа споменици, стиропори, жални врби, палми итн. Од тоа не знам што остана, ако дојдете во зградата на Владата да видите, се распаѓа стиропорот, врбите се исушија, а спомениците останаа да сведочат за едно време на изолирана Македонија. И што значи кога парите се насочуваат кон граѓаните, а не во инвестиции кои никому не му користат. Еве ова значи – значи инвестиција од околу 2,5 милиони евра за првата детска градинка што се гради по 50 години во општина Центар, во главниот град на државата. Значи и изградба на градинка на најголема површина досега, на над 3.200 метри квадратни. Капацитетот за згрижување во градинката е за 150 деца од оваа општина“, посочи во изјавата премиерот Ковачевски.

На теренот, каде што се гради градинката е констатирано дека досега се завршени 40 проценти од градежните работи, а според најавеното, се гради модерна градинка по сите современи стандарди: со 9 занимални; со предвидена зелена површина на околу 2.000 квадратни метри; со надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост во движењето и со лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето со што се запазува инклузивноста во воспитно-образовниот процес; со кујна само за потребите на градинката, со што децата ќе добиваат свежо приготвена и здрава храна; со просторија за лекар со можност за изолација на дете, доколку е тоа потребно од здравствен аспект; со просторија за стручни соработници.

Со овој градежен зафат, се решава огромен, неколкудецениски проблем за родителите во населбата Пролет, кои досега мораа да наоѓаат начини да ги носат децата во градинки во соседните населби. А во план е, како што најави градоначалникот Герасимовски, изградба и на уште една детска градинка во близина на населбата Пролет – во Маџир Маало, со што во целост ќе се задоволат потребите за згрижување дечиња од овој реон во општината Центар“, додаде премиерот Ковачевски.

Поради ова, премиерот Ковачевски ја поздрави работата на градоначалникот Горан Герасимовски, оценувајќи дека, како и Владата, чијшто приоритет се граѓанските потреби – и тој ја насочува работата на општината Центар кон создавање услови за поквалитетен живот на граѓаните.

Градоначалникот на општината Центар, Горан Герасимовски, објасни дека проектот е овозможен со ревидирање на Деталниот урбанистички план, со којшто, на местото каде сега се гради градинката била предвидена изградба на објект на локална самоуправа.

Вцртаниот објект се избриша и се замени со оваа прекрасна предучилишна образовна установа за дечињата“, рече во изјавата градоначалникот Герасимовски.

Премиерот Ковачевски, во неговата изјава потсети дека само пред половина месец, во рамки на активностите на Владата за изградба и реконструкција на градинки е отворена, исто така прва, градинка, во населбата Волково, во скопската општина Ѓорче Петров, а Владата е посветена на изградба и реконструкција на градинки низ целата држава.

Зборуваме за отворање градинки во населби во главниот град – за прв пат, таму каде што отвораме сега градинки, никогаш не биле, ниту направени, ниту отворени градинки.

Владата е посветена на изградба на градинки низ целата држава. Со изградбата на градинката во Волково, од 2017 година до денес, отворени се или реконструирани вкупно 76 градинки низ целата држава, со опфат на 5.650 деца. Само минатата година, како Влада, ги зголемивме згрижувачките капацитети во градинките за над 1.000 деца. За оваа, 2023 година планираме изградба, доградба или адаптација, дополнително, на над 20 градинки во државата. Со сите овие вложувања во градинките, се создаваат и услови за нови вработувања во воспитно-образовниот процес. Еве ова е вистинска грижа за децата, за нашите најмлади и најмили и за сите граѓани – на дело“, рече во изјавата премиерот Димитар Ковачевски, при посетата на теренот каде се изведуваат градежните работи за градинката „Пролет“, во скопската општина Центар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.