„Потребна е подобра соработка на универзитетите со нашето стопанството и реформи во образованието со што ќе се отпочне со практична настава на студентите уште во периодот додека студираат. Само така можеме да изградиме млади инженери, кадри кои ќе бидат спремни брзо да се вклучат во процесот на градење професионална инженерска кариера и воедно, да ги задржиме во државата”, беше заклучокот од панел дискусијата „Како до успешна професионална кариера” на која зборуваа поранешни добитници на признанието Инженерски прстен и успешни менаџери на највисоки раководни позиции во компании од земјата, а во организација на Инженерската Институција на Македонија – ИМИ и Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

Претседателката на ИМИ, проф. д-р Христина Спасевска ја истакна потребата од постојано вложување во младите инженери и механизми за усовршување и обука на вработените од страна на компаниите во земјава, што ќе послужи како мотивација младите да градат успешни инженерски кариери во нашата држава.

„Значајно е што на овој настан заеднички разговараа поранешните добитници на инженерски прстен кои професионална кариера градат во македонските компании со веќе етаблирани инженери и универзитетски професори. Компаниите треба континуирано да спроведуваат механизми за усовршување и обука на вработените, со цел младите инженери да можат да напредуваат во својата кариера и да бидат конкурентни на пазарот на трудот, што е и предуслов да останат во нашата држава. Дополнително, потребно е зголемување на соработката помеѓу факултетите и компаниите во повеќе насоки преку подготовка на студиски програми кои ќе ги следат барањата на компаниите, одржливи програми за практикантска работа на студентите и нивно вклучување во проектите на компаниите, зголемување на вештините на студентите за тимска работа и стипендирање на студентите и магистранти од страна на компаниите,

Претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, м-р Кристинка Радевски дополни дека креирање подобра иднина за младите инженери коишто допрва го започнуваат процесот на градење професионална инженерска кариера мора да оди паралелно следејќи ги новите технологии во ек на дигитализација.

„Имаме многу предизвици коишто треба да ги решаваме заедно, пред се преку споделување искуства и вмрежување со цел отворање на нови, подобри перспективи за младите инженери. Ние како Комора сме отворени за поддршка и насочување на младите, особено во процесот на дигиталната трансформација кон која се позабрзано стремиме како општество”, вели Радевски.

Успешни менаџери коишто денес се на највисоките раководни позиции на големи компании во земјата, учествуваа на панел дискусијата и преку личен пример со младите добитници на инженерски прстен ги споделија и своите искуства во текот на градење професионална инженерска кариера и што е она што било најтешко или пресудно во процесот на отпочнување успешна кариера. Добитниците на инженерски прстен зборуваат за „Како до успешна професионална кариера” е дел од низата настани со коишто Инженерската Институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери го одбележуваат 20-годишниот јубилеј доделување на признанието „Инженерски прстен”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.