Охридската библиотека „Григор Прличев” од Охрид распиша конкурс за избор на најдобра беседа посветена на патронот, големиот поет и преродбеник Григор Прличев на тема „Прличев и ние”.

Конкурсот е во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи” отворен е од утре до 25 јануари 2023 година.

Можат да се пријават сите млади од општините Охрид и Дебрца од 15 до 30 годишна возраст. Беседата на тема „Прличев и ние” не смее да биде поголема од 3.000 зборови и треба да е напишана во фонтот „ariel 12″. Беседите не смеат да имаат во себе политичка, етничка и верска содржина, туку треба да носат универзална порака за мир, љубов, соработка…, стои во конкурсот од Библиотеката.

Комисија, како што е наведено, ќе ја оценува нивната уметничка, јазична и естетско – етичка содржина.

Беседите до Комисијата се испраќаат исклучиво под шифра и авторот треба да ја наведе само возраста. Во интерес на времето конкурсните трудови – беседи, авторите треба да ги достават на следната е – адреса: [email protected].

Шифрите на трите наградени беседи ќе бидат објавени најдоцна до 2 февруари, 2023 на веб страницата на Библиотеката, социјалните мрежи, порталите и други радио и ТВ медиуми.

Наградите на најдобрите тројца автори, кои со посeбeн примерок ќе го докажат авторството ќе им бидат врачени на манифестацијата „Прличеви беседи” 2023 во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев” Охрид.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.