Косовската полиција соопшти дека е отворен административниот премин Мердаре и дека сообраќајот на тој правец е нормализиран.

Преминот Мердаре беше затворен поради барикадите кои ги поставија Србите во знак на протест за апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ на Косово. Отстранувањето на барикадите почна откако Пантиќ беше пуштен во домашен притвор.

Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека денес претпладне косовските Срби почнале да ги отстрануваат барикадите. „Тоа е долг процес. Ќе потрае некое време“, кажа Вучиќ по средбата со Србите од северот на Косово во српскиот град Рашка.

Шефот на Канцеларијата на српската влада за Косово и Метохија Петар Петковиќ кажа дека се добиени „најсилни гаранции досега“ од САД и ЕУ дека никој од Србите кои 19 дена протестираа на Косово и поставуваа барикади нема да биде процесиран или уапсен. Петковиќ кажа дека се добиени и гаранции дека косовските безбедносни сили не смеат на северот на Косово без претходна согласност на командантот на КФОР и претставниците на локалното население.

Најновите тензии меѓу Белград и Приштина растат од минатиот месец, кога етничките Срби на Косово ги напуштија државните институции, вклучувајќи ги полицијата и правосудството, поради одлуката на Приштина да ги замени регистарските таблички издадени во Србија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.