Во соработка со Викторија Волак – сертифициран знаковен толкувач, трета година по ред, Здружението „Бадникови поворки“ им подарува божикна песна и божикна радост на глувите лица. Овој пат тоа е „Божикна серенада“- празнична песна што на најубав начин ја покажува православната традиција и семејните вредности на македонскиот народ.

Изминатите две години, адаптирани за глувите лица беа и песните „Небо и земја“ и „Вечниот Бог“.

„Драги луѓе! Радувајте се, веселете се, делете љубов, бидете милостиви! Христос се Роди! Честит Божик!“ – стои во божикната честитка од „Бадникови поворки“ до глувите лица.

Во овогодинешните бадникови поворки учествуваат Антониа Гиговска – вокалист, Бобан Јосифовски – директор на „Златно славејче“ и Кристина Љушкоска – флејтист.

-Особено сум среќна што станав дел од една духовна историја и особено ми е драго што конечно и јас сум вклучена во Бадниковите поворки. Ова е трета верзија на „Вечниот Бог“и се надевам дека ќе оставам свој белег. Особено ми е драго што ова се’ е посветено на Бога и се надевам дека ќе донесе радост и за мене и за моето семејство, рече Антониа Гиговска.

Бобан Јосифовски истакна дека е општо е познато дека Златно славејче учествува во сите значајни културно-уметнички и духовни настани што се од голема важност за нашиот народ и држава.

-Оттука неминовно произлезе и поддршката на бадниковите поворки и возобновувањето на божикните бадникови песни што се пееле во минатото. Ова иницијатива на Бигорскиот манастир што трае веќе 13 години, со задоволство ние ја прифативме. Наша обврска се божикните детски песни што се пееле во минатото. Ќе се согласите дека прекрасните гласови на златните славејчиња се вистински симбол на ангелите кои го најавуваат Христовото Раѓање, рече Јосифовски.

Кристина Љушкоска, пак, рече дека и е задоволство што учествува во вакви настани и музички проекти

-За прв пат сум дел од една ваква приказна и никогаш претходно посилно не сум ја почувствувала божикната радост. Затоа ги поканувам сите дечиња да ја слушнат и да ја научат песната „Вечниот Бог“ и заедно со своите родители да ја пеат низ улиците на нашата земја на 6-ти Јануари, рече Љушкоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.