На предлог на Министерството за економија Владата на денешната седница донесе одлука да се продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи до 30 април 2023 година.

Имајќи предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијание на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, а состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани, се наметна потребата да се продолжи рокот на примена до 30 април 2023 година, напиша министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил.

Дополнително на тоа, додаде, Владата овозможи од 1 декември оваа година да се користи субвенционирана електрична енергија кај домашните производители на основните прехранбени производи, се додека трае кризната состојба.

Целта е со субвенционирана електрична енергија кај домашните производители и регулирана трговска маржа, на пазарот да имаме коригирани цени, потенцира Бектеши.

Во опфат на мерката ќе продолжат да бидат следните производи: – леб бел; сечен на парчиња или цел; шеќер бел и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) со 5 отсто трговска маржа за трговците на големо (тука се и производителите) и трговците на мало.

Потоа за брашно од пченица – тип 400 и тип 500; макарони и шпагети од тврда пченица; македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто; јајца; урда; кравјо бело сирење и мешано бело сирење; кашкавал; кисело млеко и павлака и јогурт со 10 отсто трговска маржа за трговците на големо (тука се и производителите) и трговците на мало.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.