Не можам да кажам кога и какви одлуки ќе донесе Стејт департментот или нивниот департмент за финансии по однос на мерките што им стојат на располагање. Тоа што е најважно е дека ние сакаме САД активно да бидат вклучени во поддршка на институциите во борбата против корупцијата, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на годишната средба со новинарите.

– Тоа е побарано од нас во рамките на стратешкиот дијалог. Ставивме посебно поглавје – антикорупциска политика во документот кога го побаравме стратешкиот дијалог, и тоа е дел од акциските планови што ги имаме договорено со САД по одржувањето на стартешкиот дијалог. Така што тоа не е само тој инструмент, туку секоја финансиска поддршка што се дава на правопсудството преку тренинг на чинителите во правосудството, сето тоа е активна поддршка на САД која што ние ја поддржуваме и ја охрабруваме, вели Османи на новинарско прашање за резултатите од посетата на земјава на тимот на американски експерти од Стеј департментот во врска со справувањето со корупцијата и ажурирање на „црната листа“ на САД.

На прашањето дали очекува во наредниот Извештај на ЕК во март да бидат содржани забелешки за борбата против корупцијата, Османи рече дека очекува дека тоа ќе биде суров, бескомпромисен извештај во кој на институциите нема да им се прогледува низ прсти, и ќе нема веќе алиби за никој, туку ќе се бараат конкретни резултати.

-Времето на наративни објаснување „сме донеле вакви закони, такви закони“ е поминато, сега се оди со тн трак рекорд листа во која што точно во делот на правосудството обвинителството треба да каже што има покренато, до каде се и што има завршено. Идната година ќе имаме навистина извештај, што ќе биде математички, во кој пред се, ќе треба да се покажат конкретни резултати на секое поле. Тоа е и добро бидејќи ни дава водич што треба да направиме идната година, порача Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.