На 28 декември (среда) во 20 часот во Македонска филхармонија ќе се одржи новогодишен концерт на ЗЏМ Биг бенд и Луис Бонила.

Вистинско празнично уживање за љубителите на латино џез призвукот и познавачите на добриот џез вети Гоце Стевковски од Здружението на џез музичари на денешната прес-конференција и најави дека на концертот ќе има дополнително уште двајца гости, уметниците Дарко Бенчиќ од Хрватска, редовен член на Љубљанскиот биг бенд и Бојан Цветковиќ од Србија.

Сметаме дека ќе имаме фантастична можност да уживаме во една квалителна музика која вреди да се слушне, а изведбата ќе биде на врвно ниво. Бонила има навистина импресивна биографија позади него, доибитник е на награди, има свирено во бендови кои се навистина легендарни. Воопшто не е наивна целата ова случка околу концертот, најмногу поради тоа што е еден од малкуте сериозни тромбонисти на планетава во моментов, рече Стевковски.

Како што додаде тој, музиката што ќе биде изведена на концерот е по сите стандарди и е нешто што вреди да се чуе.

Луис Бонила е реномиран американски џез тромбонист, по потекло од Костарика. Тој е повеќекратен добитник на Греми награди, продуцент, композитор, аранжер и професор. Низ плодната кариера на бројни изданија остварува соработки со некои од најголемите имиња во историјата на џезот: Вангард џез оркестра, Мингус биг бенд, Мекој Тајнер, Дизи Гилеспи, Лестер Боуви, Том Харел, Фреди Хабард, Аструд Гилберто, Вили Колон и Тошико Акијоши.

Бонила напомена дека на програмата на концертот ќе има селекција од сите негови свирки, со фокус на латинската страна на џезот.

Во Македонија се чувствувам како дома. Ова е едно невообичаено место и уживам во посетата на оваа држава. Убаво е повторно да се биде тука. Овој концерт е важен чекор за креативноста и за музиката, бидејќи во оваа држава има многу талентирани музичари. После концертот најверојатно нема да ја паметите многу музиката, но ќе го запаметите чувството кое што сте го имале додека сте присуствувале на концертот, рече Бонила на прес-конференцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.