Наближува времето да се преговара за мир во Украина за да се намали ризикот од нова катастрофална светска војна, но соништата за распарчување на Русија може да предизвикаат нуклеарен хаос, изјави Хенри Кисинџер, кој се смета за татко на американската дипломатија .

Кисинџер (99), кој, како државен секретар под претседателите Ричард Никсон и Џералд Форд беше архитект на политиката на олабавување на тензиите со Советскиот сојуз за време на Студената војна, се сретна со Владимир Путин во неколку наврати откако тој стана претседател на Русија во 2000 година.

Изјавата на Кисинџер доаѓа во време кога не се наѕира излез од конфликтот кој почна на 24 февруари, а во кој загинаа десетици илјади луѓе. Русија моментално контролира речиси една петтина од територијата на Украина.

Се ближи времето да се надградат стратешките промени и да се интегрираат во нова структура насочена кон постигнување мир преку преговори. Мировниот процес мора да ја поврзе Украина со НАТО на категоричен начин. Алтернативата за неутралност повеќе нема да има смисла“, напиша Кисинџер во магазинот „Спектатор“, во напис насловен „Како да се избегне уште една светска војна“.

Добитникот на Нобеловата награда за мир, за неговите напори за ставање крај на Виетнамската војна, истакнува дека во мај предложил прекин на огнот во кој руските сили ќе се повлечат на своите позиции пред војната, а судбината на Крим ќе биде предмет на преговори.

Разделувањето на Русија или уништувањето на нејзината способност да води стратешка политика, може да ја претвори нејзината територија која опфаќа 11 временски зони, во оспорен вакуум, околу кој сите би се бореле. Нејзините ривалски заедници може да одлучат да ги решат своите спорови со сила. Другите земји може да се обидат да ги прошират своите барања со сила. Сите овие опасности би ги продлабочиле заканите од илјадниците нуклеарни боеви глави што ја прават Русија една од двете најголеми нуклеарни сили“, пишува Кисинџер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.