Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Њујорк ќе учествува и ќе говори на отворањето на Состанокот по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации.

Обраќањето на премиерот Ковачевски е предвидено околу 11 часот по локално, односно 18 часот по македонско време.

Премиерот Ковачевски денеска ќе одржи предавање и на реномираниот Универзитет „Колумбија“, каде што ќе се осврне на, како што соопшти прес-службата на Владата – „уникатниот модел на одржлива демократија на Република Македонија, како и економската интеграција и трансформација“.

Предавањето е дел од серијата говори на светски лидери и се очекува да присуствуваат стотина професори, експерти и студенти.

-Изминатите два дена премиерот Ковачевски во Њујорк учествуваше на Самитот за трансформација на образованието и на отворањето на 77. Генерално собрание на ООН на кое воведно обраќање имаше генералниот секретар Антонио Гутереш. Ковачевски заедно со колегите од Западен Балкан присуствуваше и на работен ручек организиран од високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, информира владината прес-служба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.