Европската инвестициска банка во одговор за Телма за тендерот за изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје поради кој градоначалничката на Скопје Данела Арсовска го разреши директорот на ЈП Водоводот, Златко Перински, се потенцира дека секој обид за ревидирање на стратегијата за набавки без оправдување во оваа фаза или неусогласеност со важечките принципи за доверливост, ќе предизвика одложување во процесот на набавка и ќе ја загрози достапноста на средствата.

Го пренесуваме соопштението во целост

Соопштение од Европската инвестициска банка:

„Изградбата на пречистителната станица за отпадни води (ПСОВ) во Скопје е водечки проект во рамките на Економскиот и инвестициски план на Европската комисија и Зелената агенда за Западен Балкан.

Целосно усогласен со приоритетите на Европската унија (ЕУ), важечките уредби и рамката за пристапување во ЕУ на Македонија, се очекува да генерира значително подобрување на квалитетот на животната средина  како и здравствени придобивки преку обезбедување на прочистена вода и избегнување на континуирано испуштање на непречистена отпадна вода во реката Вардар.

Проценетата вредност на проектот е 136,7 милиони евра, финансиран со заеми обезбедени од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

ЕУ обезбедува значителен дел од грантот, дополнувајќи го националниот придонес на Македонија.

Заемопримач за заемите е Република Македонија, претставена од Министерството за финансии. ЕИБ го води мониторингот на проектот.

Проектот го спроведува јавното претпријатие за Водостопанство „Водовод и канализација-Скопје (ЈПВК).

Како промотор на проектот, ЈПВК, исто така, дејствува како Договорен орган на проектот, во смисла на Водичот за набавки на ЕИБ (ВН) и како што е договорено во Финансискиот договор. Јавното претпријатие „Водовод и канализација„ е задолжено за подготовка, имплементација, работа и одржување на системите за третирање на отпадни води финансирани од Банките.

Банките, исто така, бараат од промоторот да осигури дека проектот се спроведува во согласност со Водичот за набавки (ВН).  Ова ја вклучува одговорноста на промоторот за постапките за набавка на Проектот (вклучувајќи го составот на Комитетот за евалуација што ги оценува понудите) и резултатите од нивната примена во согласност со Водичот за набавки на ЕИБ.

Вклучувањето на ЕИБ во прегледот на постапката за набавка за горенаведениот проект е ограничено на проверка дали се исполнети условите поврзани со неговото финансирање, при што се бара, за секој чекор на набавка, ЕИБ да даде одобрување.

ЕИБ ја одобри стратегијата за набавки и постапката за евалуација во 2019 година.

Две меѓународни набавки – за работи и услуги – се во тек со двата договори во нивната финална фаза на евалуација на понудите.

ЕИБ може да потврди дека од почетокот на проектот се почитуваат условите и преземените обврски за исплата на средствата.

Набавките се спроведени во согласност со водичот за набавки на ЕИБ и во согласност со одобрената стратегија за набавки.

До денес, Комитетот за евалуација, потпомогнат од искусен тим од меѓународни консултанти, ги извршуваше своите задачи на посветен начин.

Ја следеше тендерската документација и бараше совети од ЕИБ кога тоа беше потребно.

Обидите да се ревидира стратегијата за набавки без соодветно оправдување во оваа фаза од процесот на евалуација, или неусогласеноста со важечките принципи за доверливост, може да предизвика значително одложување во процесот на набавка и на тој начин може да ја загрози достапноста на средствата.

ЕИБ со нетрпение го очекува успешното завршување на тековната евалуација на понудите и доделување на соодветните договори без никакво одлагање“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.