В петок, на 16 септември, Театарот за деца и младинци од Скопје ќе гостува на деветиот Меѓународен фестивал на кукларство во Подгорица,  Црна Гора, со претставата „Палешка“, работена според мотивите од бајката ,,Палешка” од Ханс Кристијан Андерсен, а во режија на Давор Драгојевиќ.

Во претставата играат: Матеа Јанковска, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни, Мартин Јорданоски, Емра Куртишова и Петар Стојанов.

Претставата „Палешка“ е ново и модерно читање на истоимената бајка од Ханс Кристијан Андерсен, во која главниот фокус е даден на мајчинската љубов и нејзината сила. Претставата допира актуелни теми во современото живеење и растење на децата како и прифаќањето на различноста кај себе и другите, соочувањето со суровоста на светот во процесот на растење и мајчинската љубов која е тука секогаш да нè заштити и спаси од сите тие опасности. Мајсторски изработените кукли водени со совршена прецизност и чувство од сите актери во екипата на сцената создаваат магија со која ќе се соживеат и децата и возрасните, вели режисерот Драгојевиќ.

„Палешка “, со која ќе биде отворен фестивалот, ќе има две изведби, од 18 и 20 часот.

На Фестивалот ќе учестуваат претстави од Шпанија, Србија, Словачка и  Црна Гора.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.