Населението старее, а две третини од младите сакаат да се иселат од државата и доколку им се пружи приликата би го сториле тоа, затоа е потребна итна акција од страна на законодавната и извршната власт и политики кои ги решаваат проблемите на младите, но и политики кои доследно ќе се спроведуваат, беа дел од заклучоците на јавната дебата „Демографски трендови на младата популација“ што денеска се одржа во Собранието. Организатори на дебатата се Клубот за младински прашања и политики на Собранието, во соработка со граѓанските организации Реактор – Истражување во акција и Младински образовен форум, а со поддршка на Фондацијата за демократија Вестминстер.

Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова изјави дека дебатата произлезе од добиените бројки од пописот во делот што се однесува на младите.

Целта беше да овозможиме дискусија за податоците од пописот на населението, особено оние што се однесуваат на младите лица. Видовме дека тие бројки навистина се загрижувачки, дека населението старее, а процентот на младите луѓе кои својата иднина ја гледаат надвор од државата се повеќе се зголемува, изјави Зајкова.

Таа посочи дека итно треба да се види што може да за преземе со цел нашата држава да се направи атрактивна за младите.

Зајкова се осврнаа и на Стратегијата на млади, која засега ја немаме, односно е истечена, за националните стратегии кои се однесуваат на „одливот на мозоци“ или што може државата да направи за имплементација на важни закони кои ги засегаат младите, како законите за млади, за високо образование, за средно образование и за средно стручно образование.

Во текот на дебатата излагања имаа повеќе претставници од младинскиот граѓански сектор и од дел од институциите.

Истражувачот од Реактор, Блажен Малески посочи дека населението ни старее, а во 2002 младите сочинувале 23,8 отсто од вкупното население.

Денеска имаме 17,8 отсто млади од вкупниот број на граѓани. Односно, 150.000 млади помалку имаме во 2022, што укажува на сериозна демографска промена. Од она што можеме да го видиме од првичните податоци, 10.5 отсто од младите (15-29 години) заминале од државата и не се резидентно население. Вкупно 53.900 млади не се повеќе во земјата. Можеме да забележиме тренд на база на податоци од оние што биле млади во 2002 година, денеска би имале 35 до 49 години, 100.000 си заминале. Односно 20,8 отсто од оние кои биле млади во 2002 година заминале и не се денеска во државата, изјави Малески.

Извршната директорка на Младинскиот образовен форум (МОФ), Теодора Столевска посочи дека младинските организации со години спроведуваат истражувања и апелираат дека младите сакаат да се иселат од државата, а пописот, како што рече, ни потврди дека голем број веќе се отселиле.

Според последното истражување на Фондацијата за демократија Вестминстер, две третини од младите сакаат да се иселат од државата и доколку им се пружи приликата би се иселиле од неа. Ваквите ставови се засновани на неквалитетното образование кои младите го добиваат во државата, големата стапка на невработеност кај младите и ниските примања кои младите ги имаат. Дополнително треба да се напомене дека прашањата кои се однесуваат на младите, иако значајни, не се единствени причини пораки кои младите се иселуваат. Високата стапка на корупција не доведе во ситуација каде повеќе од 83 отсто од младите не им веруваат на институциите, рече Столевска.

Таа информира дека покрај нискиот квалитет на образование и ниските примања, квалитетот на здравството, животната средина и социо-политичките услови се дополнителни причини поради кои младите си заминуваат од државата.

Потребна ни е итна акција од страна на законодавната и извршната власт. Ни требаат политики кои ги решаваат овие проблеми на младите, но и политики кои доследно ќе се спроведуваат, нагласи Столевска.

Дел од граѓанските организации ги претставија проблемите со кои се соочуваат младите, почнувајќи од основно, средно и високо образование. Ги наведоа лошите хигиенски услови во училиштата, застарените образовни програми, начинот на сместување во студентски домови, потребата од поголема пракса пред првото вработување и потребата од работа и поголеми плати. Според нив, во некои општини има службеници за млади кои не си ја вршат својата функција.

Предлозите и препораките од дебатата ќе бидат сублимирани во рамки на една работна група и претставени до извршната власт. Се очекува за неколку месеци да се одржи расправа и да се види што се преземало во меѓувреме за младинските политики.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.