Фетаи, Тупанчевски и Нанев тврдат дека патувањето во Палермо го платиле од свој џеб, а докази дел од нив најавија за во понеделник, а за тоа како се нашле на летот со фудбалерите, за ТВ 24 објаснуваат дека тоа било најбрз начин да се стигне до Италија. Се јавиле во туристичката агенција Гуливер која го организира летот, им била испратена фактура, тврдат дека си ја платиле со лични средства и на тој начин пристигнале до Италија.

Но, картите за натпреварот на сите тројца им биле бесплатни- гратис од ФФМ, изјави за ТВ 24 портпаролот на Федерацијата.

Вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи во телефонски разговор за ТВ 24 изјави дека во понеделник ќе бидат образложени фактури за патувањето и аранжманското сместување.

Јас сум навистина голем обожавател на фудбал, особено кога игра нашата држава и не ми паднало на памет да патувам на нечиј грб. Во понеделник ќе бидат образложени сите фактури за патувањето и аранжманското сместување преку агенцијата која патувавме, изјави Фатиме Фетаи.

Патувавме со чартер летот на ФФМ поради тоа што временски одговараше да стигнеме побргу, да не се бараат други релации и авионски линии.

Ќе одам и на натпреварот во Португалија, со мои лични средства и за тоа ќе бидат образложени фактури.

 

И претседателот на судот во Кавадарци, Лазар Нанев за ТВ 24 тврди дека сам ги покрил трошоците за патувањето во Италија и чартер летот кој бил најбрза опција.

Како и секогаш, а сум следел натпревари на три европски и две светски првенства и 5 финални натпревари во ЛШ, за научни работи и истражувања за насилство на спортските терени, сум бил на петте најголеми стадиони во Европа и сам си ги плаќам трошоците за натпреварите исто како и за овој натпревар.“ – изјави Лазар Нанев претседател на основен суд Кавадарци.

Министерот за правда, Никола Тупанчевски во телефонски разговор ја потврди истата теза, дека трошоците се подмирени од сопствен џеб, а повеќе детали најави за понеделник.

Сите трошоци преку агенцијата која патувавме, се платени од лична трансакциска сметка. Ниедна одредба од етичкиот кодекс на членови на Владата не е повредена. Моја лична желба беше да одам на натпреварот врз основа на мои лични средства. Сите детали за патувањето ќе бидат претставени во понеделник преку официјално соопштение.” – изјави Никола Тупанчевски министер за правда.

Од ФФМ пак велат дека картите за натпреварот за Фетаи, Тупанчевски и Нанев биле обезбедени од ФФМ бидејќи ги добиле гратис како федерација, а за тоа дали според некој критериум може да се патува со летот на ФФМ велат дека од федерацијата не бираат критериуми, туку лицата си уплатиле аранжман преку агенција.

ФФМ не бира критериум за летот, лицата  си уплатија аранжман преку агенција. Билетите за натпреварот пак, ги обезбеди ФФМ зошто ги добива гратис во својство на федерација. За било кој и да е поединец, ФФМ доколку е во можност, секогаш овозможува билети независно за кој натпревар станува збор. Во ситуација кога се бориме за пласман на светско првенство, тенденциозно правиме приказна од нешто што нема потреба. После натпреварот во вторник, ФФМ е отворено за секакви прашања, сега да се фокусираме на натпреварот со Португалија.“ – велат од ФФМ.

Претходно претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска  ја повика „правната тројка“ јавно да објаснат кој им ги подмирил трошоците за патување, доколку не патувале во рамки на своите службени должности. Таа предупреди дека доколку станува збор за подарок, тие ги прекршиле етичките кодекси на Владата, обвинителите и судиите.

И на социјалните мрежи изминативе денови се коментираше патувањето на обвинителката, судијата и министерот за правда во Палермо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.