Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски на Вонредниот самит на НАТО на шефови на држави и влади, истакна дека руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана и неоправдана и сериозно кршење на меѓународното право.

Македонија се придружува кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воена акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина и ја поздрави храбрата одбрана на Украина која ја штити слободата на своите граѓани и суверенитетот на државата.

Во таа насока Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници и нивното право слободно да ја избираат својата надворешнополитичка ориентација и безбедносни аранжмани.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека во овие несигурни времиња, гордост е да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија во Украина кои вклучуваат и важни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на источното крило на алијансата.

Премиерот Ковачевски истакна дека Македонија обезбеди хуманитарна помош и медицински материјали за Украина, и дека е подготвена да ги прифати украинските бегалци кои би дошле во земјата.

Премиерот Ковачевски посочи дека внимателно се идентификувани и се следат агресивните активности на Русија и во регионот на Западен Балкан, и дека тие имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ, да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан и да создаде дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот.

Ковачевски укажа дека НАТО и ЕУ мора да го задржат кредибилитетот на своите политики во регионот за дополнително зајакнување на безбедноста.

Претседателот на Владата на Македонија потенцираше дека политиката на отворени врати на НАТО беше историски успех кој обезбедува траен мир и безбедност на целиот Европски континент, наспроти отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива за Западен Балкан која може да има повеќекратни негативни тенденции.

Ковачевски дополни дека проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа е од исклучителна важност за Македонија и Албанија да започнат преговори за пристапување во ЕУ, без натамошни одложувања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.