Откако започна агресијата и анексот на Крим во 2014, секогаш сум ја поддржувал Украина и Украинците во нивната борба за слобода, самоопределување и демократија. Во 21виот век кога светот разговара за нови технологии, зелена агенда и развиток на вселенското истражување, никој не можеше да замисли војна. Војна во Европа е најстрашната работа која што можеше да се случи. Затоа, силно ја поддржувам Украина и затоа треба вечерва да го усвоиме овој извештај за последиците на руската агресија кон Украина, рече во своето обраќање во Стразбур, Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Изминатите два дена, слушам од нашите украински колеги за страдањата со кои се соочуваат. Слушајќи ги овие шокантни сведочења, можам само да направам паралела со судбината и негирањето на македонскиот народ, и вековните спорови со нашите соседи кои биле и се поголеми и помоќни. Со векови нашите соседи ги оспоруваа Македонците како посебна нација, култура и посебен македонски јазик. Ние бевме жртви и протерувани за време на балканските војни и за време на грчката граѓанска војна, и конечно оспорувани во 21виот век. Негирањето на украинскиот јазик и тезата дека Украинската нација се творба на Ленин и комунистите е слична со тезата за негирање на македонската нација и јазик и тезата дека Македонците се творба на Тито и комунистичката коминтерна. Оспорувањето и омаловажувањето на двете нации и јазици има многу сличности и симболика, дури се употребуваат и истите зборови. Ова не беше случајно, што дури и големиот филозоф Францис Фукујама, авторот на легендарната „Крајот на историјата и последниот човек“ вели дека има многу сличности во наративите користени против Македонија и Украина и негирањето на Македонците и Украинците, истакна Николоски.

Основната вредност на демократијата е дека луѓето одлучуваат за самите себе, но исто така и за тоа кои се и што се. Тоа е цивилизациска придобивка од која нема враќање и кој ниту една војна или блокада можат да ја спречат. Со тоа, слободно можам да им кажам на Македонците дека нашата борба и судбина е слична со украинската и затоа мораме да ги поддржиме со сето наше срце. Ние сме мали и не можеме многу да направиме, но и најмалата поддршка значи многу во овој виор на војна. Во историјата, македонскиот народ секогаш бил на правата страна, ќе бидеме на страната на вистината и во оваа криза и воена агресија, во ова страдање и несреќа што се случува во Украина. Украина ќе победи. Вистината и демократијата ќе победат, додаде тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.