Со вклучување од Чучер Сандево, од просториите на Ракатрак- едукативен центар за животни вештини и локален зелен бизнис, здружението „АРНО“ на 23ти февруари, преку хибриден настан, го одбележа почетокот на натпреварот за зелени идеи и ги повика граѓаните да аплицираат со свои зелени бизнис идеи до 26-ти април. Пријавите за натпреварот и сите информации се достапни на веб-страницата: https://zeleniidei.mk/.

„Последниот зелен бизнис кој ни донесе нграда од регионалниот натпревар (О-круг) е идеја која иако не беше официјализирана имаше прототип и наскоро очекуваме од овој стартап да добиеме природни ароматизери од кори од портокал. Повторно апелираме до сите потенцијални апликанти да го искористат времето до крајот на натпреварот, да се вклучат во работилниците кои ги нудиме и да развијат солидни апликации, во кои ќе се видат искрените намери, но и конкретните производи и услуги што ќе ги нудат. Мораме да работиме на силни бизнис модели со пазарни стратегии, кои секако ќе имаат вредности од зеленото и социјалното претприемништво, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Годинава, водени од пандемиските потреби и поуки за дигитализација, АРНО ќе додели 3 преносни компјутери за идеите кои ќе бидат избрани во финалето како три македонски победнички идеи. Дополнителна поддршка ќе доделат и партнерите: МКА2000, Македонија 2025 и Стопанската комора на Северо-западна Македонија. За сите кои имаат потреба од поддршка во развивањето на апликацијата, АРНО организира работилници кои се отворени за пријавување.

Имаме убави примери на македонски мали, зелени бизниси и затоа на овој промотивен настан сме на гости кај еден од нашите национални победници од 2019-та година. Сакаме да покажеме дека зелените идеи треба да се живеат, и тоа сакаме да го видиме во апликациите. Мораме да размислуваме локално, и еве, преку теренски посети и разни настани да ги охрабриме граѓаните, да бараат поддршка за своите идеи. Симболиката за локацијата на овој настан и вклучувањето од падините на Скопска Црна Гора, е и поради проектот за прекугранична соработка со Србија “Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија”, финансиран од Европската унија. Овој проект има за цел дополнително да го анимира локалното население и да го поддржи во развој на зелени социјални бизниси преку организирање на Академија за социјална економија и мини натпревар за социјални/зелени идеи отворен само за регионите од двете граници. Апелираме до граѓаните да ги искористат сите можности и пружени поддршки, изјави Јасмина Саид од АРНО.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во земјите од Западен Балкан и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја. Деталите за натпреварот се наоѓаат на веб страницата https://zeleniidei.mk/.

Повеќе информации можат да се добијат на 077 855 832 или на e-mail [email protected]



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.