По дебитантскиот роман „Бугати се појавува“ од Деа Лоер, чиј превод од германски се појави во 2014 година, овој пат преведувачката Ксенија Чочкова на македонски јазик ги преведе нејзините наградувани драми насловени „Животот на Прача Рузвелт“ и „Невиност“.

Драмите на германската писателка се преведени на повеќе од 30 јазици и се поставуваат насекаде низ светот. Ова е трет наслов во едицијата „Сцена“ на „Или-или“, по драмите на Димо Дешев и Ивана Сајко. Објавувањето на книгата е дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

„Животот на Прача Рузвелт“ е драма што го опишува животот во Сао Паоло, во кој сите се осамени, а сепак се грижат еден за друг. Лоер оваа драма ја напиша токму во Сао Паоло, каде што културните стереотипи велат дека сите танцуваат, пеат и се смеат и нема простор за депресија. Но германската авторка го преобразува ова клише во гротеска, во која животот е полн со неправди, а уништувањето демне зад секоја, макар и мала, човечка среќа.

„Невиност“, пак, е драма составена од приказни што се случуваат на маргините на модерното општество, текст што на прв поглед е длабоко песимистичен, но во исто време е напишан на многу весел и јасен начин. Според критичарите е најдобриот, најинтензивен и најестетски текст на Лоер, поетска елегија на лингвистичката убавина и сила, проткаена со темна болка и саркастичен гнев.

Деа Лоер е родена во 1964 година, во Траунштајн. Студирала филозофија и германистика во Минхен, а денес живее во Берлин. За своето творештво има добиено многубројни награди, меѓу кои наградата „Бертолд Брехт“ на градот Аугсбург, како и книжевната награда на градот Берлин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.