Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, реагира дека на сите им е јасно дека местењето тендери во СДСМ не е ништо ново, дека од неговата партија алармираат за тоа 4 години, дека тоа е нешто за што сите знаат, го гледаат и имаат докази, но тоа не е случај со ЈО и Антикорупциската Комисија, кои се единствените кои немаат сознанија и немаат докази.

Реакцијата на Арсовски ја пренесуваме во целост:

Денес ќе презентираме и ќе продолжиме, ќе се надоврземе на вчерашните докази за тендерот за улично осветлување во Гази Баба, каде што јавноста треба да утврди дали фирмата ДИГИТАЛ ДООЕЛ со очигледни евидентни податоци на однапред договорени цени добила тендер?

 

Фирмата ДИГИТАЛ ДООЕЛ добила тендер за јавно улично осветлување со цени на кои што се надоврзуваме на вчерашната прес конференција и тоа:

 

– На пример, набавка и вградување на натриумова цеваста сијалица од 70 вати над 6.600 лумени понудената цена е 10.000 денари по парче, додека пак истата сијалица со моќност од 150 вати над 17.500 лумени, која што по логика на нештата треба да е двојно повисока, понудената цена е само 1.000 денари. Дали е ова нормално?

 

– Или на пример, набавка и вградување на пригушници цените се следни: од 70 вати чини 2.500 денари парче, а двојно и пет пати помоќни од 150 вати и 400 вати чинат чинат по 1 денар парче. Кој кого манипулира?

 

– Истото се случува и со ЛЕД уличните асиметрични светилки. Парче со моќност 30-45 вати чини 5.000 денари, додека пак сите останати кои се двојно, тројно или пет, или шест пати помоќни чинат околу 500 денари по парче. Поочигледно од ова нема дека однапред се знаело што и како ќе се работи овој тендер.

 

Ова е само дел од цените и начинот на кој има простор за сомневање за предност во добивање на тендерот од страна на оваа фирма ДИГИТАЛ ДООЕЛ, во општина Гази Баба, но за тоа треба да утврди и јавното обвинителство дали имало такво нешто или не.

 

Антикорупциската комисија исто така требаше веќе да има отворено случај, но очигледно дека сака да сокрие сомнеж за криминал и воопшто да не истражува било каков криминал во овие јавни набавки.

 

Ваквиот начин на функционирање и добивање тендери очигледно добро функционирал како пракса секаде ама баш секаде онаму каде што СДСМ има свои кадри за функционери.

 

Дали сега на јавноста и е јасно како СДСМ ги трошеле нивните пари? Истото се случува и низ институциите на државната власт, каде што СДСМ ја има централната власт, што всушност покажува дека не се работи за изолиран случај, туку за начин на функционирање на СДСМ како политичка партија и нивните кадри.

 

Парите на граѓаните на овој начин биле испумпувани и завршувале по нечии џебови. Да не се чудите после како од просечни граѓани, после функционерите стануваат милионери, а пред тоа немале никаков основ да заработат огромни суми на пари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.