Денеска заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ имаше средба со амбасадорката на Кралството Шведска во земјава, Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која разговараа за приоритетите во работењето на Секретаријатот за европски прашања во наредниот период, резултатите од тековните реформи, како и за можностите за продлабочување на билатералната соработка.

На средбата вицепремиерот Маричиќ ги претстави приоритетните активности и изрази уверување дека со лична посветеност и силна заложба ќе работи на унапредување и зајакнување на улогата на Секретаријатот за европски прашања како координативно тело на евроинтегративниот процес на Македонија.

Фокус на средбата беше ставен на билатералната развојна соработка помеѓу двете земји, која традиционално се остварува во рамки на Договорот за развојна соработка помеѓу Република Македонија и Кралството Шведска. Од страна на амбасадорката Форсгрен Бенгтсон беше презентирана новата Стратегија за развојна помош 2021-2027, во која е предвидена и нашата земја за користење на финансиски средства во приоритетните области, клучни за реализација и унапредување на реформскиот процес. Амбасадорката додаде дека Кралството Шведска, како најголем билатерален донатор од земјите на ЕУ во земјата, ќе продолжи со поддршката на Македонија и во претстојниот период.

Новата Стратегија за развојна помош предвидува четири приоритетни области за поддршка на процесот на пристапување за унапредување на економската интеграција со ЕУ и развој на пазарната економија, зајакнување на демократијата, почитувањето на човековите права и владеење на правото, заштитата на животната средина и подобар одговор на климатските промени како и градење на инклузивни општества.

Вицепремиерот Маричиќ во разговорот изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Шведска за евроинтеграцијата на Македонија и ја истакна важноста од понатамошен развој во реформската соработката меѓу двете земји, но и во соочувањето со бројните глобални предизвици, како земја кандидат за членство во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.