Новиот министер за здравство Беким Сали од редовите на коалициониот партнер Алтернатива полека почнува да го формира својот нов тим во министерството за здравство, каде што се очекува да почне со работа откако новата влада ќе биде изгласана на собраниска седница.

Според неофицијалните информации кои ги објави „Фокус“, новиот министер планира да стави нови луѓе од својата партија, кои ќе бидат негова десна рака и за односи со јавност и за советници.

Нашите извори тврдат дека како нов шеф на кабинет на министерот Сали ќе биде Меритон Сивули, кој по професија е електроинженер и исто така доаѓа од редовите на Алтернатива. Главна за протокол на идниот прв човек на министерството за здравство ќе биде Нурџан Асановска, која претходно била шеф на протокол на екс министерот за култура Асаф Адеми.

„Фокус“ го контактале новиот министер за здравство Сали, кој ги потврдил информациите и истакнал дека треба да седне на министерското столче за да одлучи кој се ќе биде во новиот тим, но кои од старата постава ќе останат.

„Немам намера да правам чистка. Не сум селективен тип. Ако некој си ја врши работата како што треба ќе си остане на работното место. Мене ми требаат паметни и работни кадри. Немам намера да менувам по секоја цена. Нормално дека ќе имам мој тим, но тоа не значи дека ќе си одат сите луѓе. Секогаш треба да се работи со квалитетни луѓе“, вели Сали.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.