вторник, 21 октомври 2014 | Вести: 4

Прибак: Чест ми е да играм за Македонија

Ракометарот на Вардар Немања Прибак и официјално стана дел од репрезентацијата на Македонија. Средниот бек, кој во составот на македонскиот шампион ја игра четвртата сезона во неговата кариера, е задоволен од можноста да настапи на ЕП во Данска, во дресот на македонската репрезентација. Според него, постоела можност да заигра за македонската репрезентација и порано, но тоа не се случило. Сепак, останала желбата да го направи тоа, а сега е дојден моментот кога таа желба му се исполни.

- Од поодамна имав желба да играм во македонската репрезентација. Сепак, сега дојде тој момент и, навистина, ми е чест што ќе настапам во дресот на Македонија на престојното ЕП во Данска. Неколку пати разговарав со селекторот на репрезнтацијата Ивица Обрван и мислам дека донесов вистинска одлука. Сакам да помогнам, Македонија да оствари добар резултат на ова континентално првенство – изјави Прибак.

Прибак ја игра четвртата сезона во екипата на Вардар, а фактот дека најголем дел од репрезентативците доаѓаат од двете најсилни македонски екипи, шампионот Вардар и вицешампионот Металург, ќе му овозможи многу полесно да се вклопи во играта. Според него, македонската репрезентација игра ракомет на врвно ниво последните неколку години, а тоа се докажува со учеството на големите натпреварувања.

- Сигурен сум дека тоа што веќе четири сезони настапувам за Вардар, ќе биде олеснителна околност за сите мои идни соиграчи од репрезентацијата. Мислам дека многу полесно ќе им биде на Сојанче Стоилов, Филип Лазаров, Филип Миркуловски, Наумче Мојсовски да играат со мене, бидејќи знаат како функционирам на теренот. Македонија има многу квалитетни ракометари, кои играат на врвно ниво во последните пет години, но сепак и ним им треба одмор на некои натпревари бидејќи распоредот е многу густ, а знаеме дека во такви моменти е потребна „подолга клупа”. Се надевам дека со моето доаѓање, и доаѓањето на Ренато Вугринец тоа и ќе се оствари, односно голем дел од ракометарите ќе бидат порастоварени. Ја прифатив оваа работа, и се договорив да настапувам подолг временски период за македонската репрезентација. Селекторот Обрван го даде своето мислење, јас моето, и мислам дека ќе помогнам Македонија да оствари еден подолг континуитет на настапи на големите натпреварувања. Впрочем, тоа е и основната цел на оваа репрезентација– дополни средниот бек на Вардар.

Во врска со очекувањата од престојното ЕП во Данска, Немања Прибак потенцираше дека е свесен за притисокот што го носи петтото место освоено на минатото ЕП во Србија, но според него треба да се оди чекор по чекор.

- Мислам дека ЕП е секогаш многу поквалитетно од СП, затоа што тука нема лесен противник. Франција, Данска, Хрватска и Шпанија се селекциите што се секогаш при врвот, и тие се главни фаворити за титулата. Што се однесува до нашата група, Данска е голем фаворит за првата позиција, Чешка е, навистина, незгоден противник, и мислам дека тоа е репрезетација што може секого да го победи, но и од секого да загуби. И Австрија е силна репрезентација, а за тоа говори и фактот дека во квалификациите имаше одличен резултат, и се најде место погоре од Русија. Успеа да ги совлада Србија и Русија на свој терен, што доволно говори за нивниот квалитет. Самиот факт дека една ракометна велесила како што е Германија, каде што се игра најсилната европска ракометна лига, не обезбеди место на ова ЕП, доволно говори за квалитетот. Но, мислам дека ние сме квалитетна селекција, и на никого нема да му биде лесно да игра против нас. Примарна цел ни е пласман во следната фаза, а таму вкрстуваме со групата Б, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите – заклучи Прибак.

Немања Прибак во дресот на македонсктата репрезентација ќе го видиме во втората фаза, бидејќи поради настапот за Србија, нема право да игра за македонската селекција од стартот на првенството. Првиот натпревар на ЕП, Македонија ќе го има против домаќинот Данска, на 12.1.2014 година од 20.30 часот.