недела, 20 април 2014 | Вести: 14

Една или повеќе изборни единици – дежурна тема пред избори

изборни единициДел од, условно, малите партии се препознаа во идејата за промена на моделот од шест изборни единици во една, која во колумна неодмна ја врати Владо Бучковски од Алијанса за позитивна Македонија.

- Апсолутно една наместо шест изборни единици е поправеден модел и правичен начин да се изрази волјата на народот. Си освоил, на пример, во „единица“ мнозинство. Но, во „двојка“ си добил малку, а тие гласови пропаднале – вели за „Република“ Ристо Пенов од Либерално-демократска партија.

И Демократскиот сојуз, кој е дел од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е со став дека тоа би ја изразило реалната волја на граѓаните.

- Демократскиот сојуз од самиот почеток се залага за тоа Македонија да биде една изборна единица. Но, проблемот е во големите партии, од кои беше дел и Владо Бучковски. Кога беше во раководната позиција на СДСМ, тогаш не го интересираше ова прашање, не сега кога се најде во улога на нова, мала партија, се залага за една изборна единица – вели Павле Трајанов, лидер на ДС.

Бучковски во колумна за „Дневник“ вели дека таквата поделба на изборни единици го турка бипартизмот во Македонија. Притоа, приложува изборна симулација – математика за пример, со која наместо актуелните 5 партии или коалиции кои сега се застапени во парламентот, 10 пратенички мандати би припаднале на уште 5 од помалите партии.

Ова не е нова идеја, туку потекнува уште од почетокот на 90-тите години на минатиот век, кога како прашање во јавноста го постави ПДП, а потоа одвреме-навреме ја туркаат малите партии – вели Тања Каракамишева.

- Оваа идеја не е воопшто нова, дури би рекла дека е дежурна пред секој изборен циклус или пред секое менување на Изборниот законик. Нејзини „најверни поддржувачи“ од самиот почеток до денес се партиите од албанскиот блок, но и помалите партии од македонскиот политички блок кои шансата за поголема политичка претставеност ја гледаат токму во Република Македонија како една изборна единица. Факт е дека помалите партии имаат шанса за подобар изборен резултат ако изборните единици се поголеми, односно ако има само една изборна единица. Со шест единици тие својата шанса можат да ја најдат само преку здружен коалициски настап, што и практично се покажа на сите досегашни изборни циклуси. Лично не сметам дека во моментов ни е потребно воведување на една изборна единица. На Република Македонија ѝ е потребно стабилизирање на партиско-политичкото ткиво и негово политичко консолидирање, а не натамошно фрагментирање и расцепкување на помали центри на моќ што е многу веројатно ако се воведе една ИЕ – додава Каракамишева.