четврток, 2 октомври 2014 | Вести: 90

Училиштата не смеат да ви бараат работни тетратки – ако ги пријавите казн е 15.000 евра

rabotna tetratka

Со списоци в рака со насловите на работните тетратки и имињата на авторите што ги напишале, многу родители вчера се растрчаа низ книжарниците во земјава за да ги купат. Повеќето од нив не ни знаат дека ако самите не изразат желба за тоа, никој не смее да им каже дека мора да ги купат. Но, во многу училишта во земјава тие добивале точни инструкции кои работни тетратки мора да ги купат за секој предмет. Во некои училишта, пак, наставниците свикувале родителски средби на кои родителите се изјаснувале дали сакаат да ги набават, пишува Дневник. МОН апелира до сите родители да пријават ако добијат список од наставник за купување дополнителна литература.

Од Министерството за образование и наука велат дека работните тетратки не се одобрени од Министерството за образование и наука и дека ако во некое училиште бараат од родителите да ги купат, тие може да бидат казнети.

Но, многу родители кои вчера ги сретнавме низ книжарниците купуваа токму работни тетратки и тоа дури и за почетните одделенија во кои практично самите учебници се комбинација со работни тетратки бидејќи во нив може да се пишува.

- Работните листови по македонски јазик чинеа 165 денари, по математика 275. Веќе купивме и по музичко како и тетратка за почетно пишување која мораше да биде со зајаче на корицата бидејќи таа била најдобра, а се трошела најбрзо. Сега одам уште да најдам работни листови по англиски. Добивме список кои работни тетратки треба да ги купиме – вели мајка на второодделенец.

Роза пак ни објасни дека наставничката барала да купат атлас по географија кој чини 500 денари. Таа во рацете држеше купена работна тетратка по математика за осмо одделение за која во училиштето им е кажано дека мора да ја купат.

Во некои училишта, пак, темата за работните тетратки се истакнувала на првата родителска средба, па самите се изјаснувале дали ќе ги купуваат или не. Наставниците суптилно им сугерирале дека така ќе им биде полесно на децата да вежбаат. – Математика се вежба со решавање задачи, а тие ги има во работните тетратки. Затоа е важно да се користат – вели наставник по математика од скопско основно училиште.

Директорката на основното училиште „Љубен Лапе“, Венгелина Секуловска вели дека одлуката на Министерството за образование и наука е јасна и дека добиле известување дека не смеат да бараат родители да купуваат работни тетратки.

- Секој наставник си знае како ќе го проверува знаењето на учениците, но вежбите не мора да се прават во работни тетратки. Секој може да користи интернет– вели Секуловска.

Годинава до Државниот просветен инспекторат с` уште не стигнала претставка од родители кои се жалат дека наставници им барале да се купат работни листови. Деновиве тие се на терен за да го проверат бизнисот со работните тетратки, пишува Дневник.

Од Министерството за образование и наука велат дека освен книгите што ги доделуваат бесплатно, родителот не би требало да купува друга неодобрена литература, а работните тетратки спаѓаат во оваа група.

- Ако во училиште се дозволи употреба на учебник кој не е одобрен од Националната комисија за учебници казната е од 10 до 15 илјади евра за училиштето и од 5 до 7 и пол илјади евра за одговорното лице. Работните тетратки спаѓаат во оваа група. МОН има одобрено работни учебници од прво до трето одделение во кои и може да се пишува, а за останатите одделенија не се предвидени никакви работни книги – велат од МОН.