вторник, 23 октомври 2018 | Вести денес: 22 ново

„Исцелител“ ќе се натпреварува и на филмскиот фестивал во Обањ

Претставувањето на македонскиот филм „Исцелител“ пред светската публика продолжува на 22-ри март во натпреварувачката програма на фестивалот во Обањ, Франција, каде филмот е во конкуренција со 9 други филмови.

Меѓународниот филмски фестивал во Обањ е основан 2001 година како фестивал кој е посветен на промоција на нови кинематографски остварувања со посебен акцент на музиката во филмовите. Во склоп на фестивалот се одржуваат и концерти на некои од најзначајните француски имиња од класичната, џез и независна музичка сцена.

Исто така, се одржуваат и работилници и предавања со познати композитори на филмска музика. Оваа година гостин на фестивалот е Гаспар Клаус, челист кој е и композитор на музиката на минатогодишниот добитник на две награди на Канскиот филмски фестивал, документарниот филм „Макала“.

Во меѓународното жири за долгометражен филм членови се познати имиња од филмската и музичка дејност како: Алекси Ро, композитор на музика на повеќе од петнасет филмови, Шандор Фунтек, актер, носител на бројни улоги, меѓу кои и улогите во „Сина е најтоплата боја“ на Абделатиф Кешиш и „Дипан“ на Жак Одијар, и други. Овогодишната програма на фестивалот е опишана како „мешавина на звуци и слики која остава без здив“.

Автори на музиката во „Исцелител“ се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски.

„Исцелител“ досега учествуваше на 16 филмски фестивали и освои пет меѓународни награди, а во Македонија го погледнаа околу 12 илјади гледачи.

„Исцелител“ минатата недела освои две значајни награди на два престижни меѓународни филмски фестивали. На филмскиот фестивал во Бергамо, Италија, тој беше избран за најдобар филм во главната натпреварувачка конкуренција, а на филмскиот фестивал во Софија доби специјална награда од жирито на Балканската програма.

„Исцелител“ истовремено беше прикажан и на „Франкофилм“ во Рим и на „Фебиофест“ во Прага, каде сите проекции беа целосно распродадени.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top