вторник, 24 април 2018 | Вести денес: 98 ново

Иванов не е запознаен ниту со грчката ниту со македонската нацрт-спогодба

Претседателот Иванов не е запознаен со грчката-нацрт спогодба доставена до македонската влада, ниту е информиран за предложената нацрт-спогодба за спорот со името, доставена вчера до грчките власти од македонска страна, велат за НетПрес од „Вила Водно“.

– Претседателот Иванов и неговиот Кабинет ниту се информирани, ниту биле вклучени во формулирањето на предложениот нацрт-договор до грчките власти, што го обелодени премиерот Заев. Претседателот Иванов не е информиран ниту за нацрт-договорот што Република Грција го доставила до Владата на Република Македонија, велат од кабинетот на македонскиот претседател.

Премиерот Зоран Заев вчера обелодени дека македонските власти доставиле нацрт-договор до властите во Атина за надминување на спорот околу името, а во пресрет на закажаната посета на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој ќе допатува во Македонија во четврток.

Во однос на посетата на Коѕијас, од Кабинетот на претседателот Иванов велат дека до нив не е пристигнато барање за средба со шефот на грчката дипломатија, и поради тоа не е планирано претседателот Иванов да го прими министерот Коѕијас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top